Стари имиња за нови победи

Партиите ги кројат (и финализираат) листите на пратеници во согласност со изреката „тимот што победува не се менува“. Во врвот доминираат партиски претседатели и високи функционери, сегашни пратеници, актуелни и поранешни министри. Заедничко им е што сите најавуваат победнички тимови. „Освежувањата“ се во долниот дел од листите.

За разлика од врвот на листите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, каде нема кадровски изненадувања, поголеми изненадувања се очекуваат во листите на европскиот фронт предводен од ДУИ. По вчерашната одлукакрилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците да пристапи во европскиот фронт, таму на иста страна сега ќе се најдат некогаш лутите ривали. Села сега е во коалиција со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, со кого имаше големи несогласувања и затоа ја формираше фракцијата Движење за реформи во ДПА, а потоа ја формираше Алијанса за Албанците.

Арбен Таравари кој на Села му го нудеше партискиот печат за да поднесат листи за самостоен настап, на неговиот профил на Фејсбук ја искоментира одлуката оваа фракција да се приклучи во коалицијата на ДУИ.

„Рекоа дека сакаат да излезат сами (на избори, н.з.). Рекоа дека никогаш не го кршат зборот и идеалите, сѐ додека не дојде денешниот ден и јасно ги разоткри“, напиша Таравари.

Според партиски извори, Села ќе биде носител на листа во петката, а веднаш зад него е Муса Џафери, кој во еден период беше дел од „Огнената група“ во ДУИ. Но, тој и „огнениот“ Блерим Беџети не се согласија таа група да формира партија и останаа во ДУИ и покрај критиките што заедно со други сопартијци во писмо ги упатија до партискиот лидер, незадоволни од „кадровските избори, отсутвото на отчет за работата на Владата и арогантното и дилетантско однесување на извршната власт на чело со Артан Груби“.

Тогаш партискиот лидер Али Ахмети им порача дека „ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити“. Но претстојните избори и окрупнувањето на опозицискиот фронт на Албанците го принуди Ахмети сите зрна да ги собере во една кошница.

 

Блерим Беџети ќе ја предводи листата во ИЕ 1, а во шестката е позициониран врвот на ДУИ. Прв на листата е Али Ахмети, зад него Талат Џафери, Илире Даути од АА, како и Мендух Тачи. Во „петката“ е обезбедна позиција и за бизнисменот Исмаил Јахоски. Садула Дураку и Скендер Реџепи Зејд ја преводат листата во ИЕ 2.

Комплетирани листи

Синоќа на седница на Извршниот и Централниот комитет, ВМРО-ДПМНЕ го утврди целосниот состав на пратеничките листи на оваа партија и Коалицијата.

„Ова се победнички листи и се надеваме на мнозинската поддршка од граѓаните на Република Македонија“, рече партискиот потпретседател Тимчо Муцунски.

 

„Овие избори се всушност одлука за тоа каква Македонија сакаме. Нивната, таа на власта, затворена, омаловажена, криминализирана, или онаа Македонија каква народот ја сака, и за каква се бориме. Македонија со надеж, иднина и сигурност, Македонија која ќе биде повторно на народот, институциите ќе бидат функционални, системот ќе биде нормализиран“, порача Муцунски.

Меѓу носителите на листите, кои претходно беа објавени, нема изненадувања. Во првата изборна единица носител на листата е партискиот претседател Христијан Мицкоски, а по него потпретседателката Гордана Кочоска Димитриевска. Во „двојката“ е партискиот поттпретседател Владо Мисајловски, зад него пратеничката Жаклина Пешевска. Во ИЕ 3 листата ја предводат пратениците Драган Ковачки и Никола Мицевски, во „четворката“ Александар Николоски и Антонијо Милошоски, во „петката“ Генералниот секретар на партијата Ѓорѓија Сајкоски и пратеничката Олга Лозановска, а пратеници се и во врвот на листата во шестата изборна единица – Дафина Стојаноска и Александар Велјановски.

 

Меѓупартиски критики

Уште на минатонеделниот Конгрес на СДСМ, Ковачевски ги коментираше носителите на листи кај опонентите.

„Анализирајте ги нивните носители на листи и тоа ќе ви каже сѐ. Сакаат на голема врата да ги вратат соработниците на Никола Груевски. Ништо не е променето во ДПМНЕ“, рече Ковачевски.

Нема изненадувања ни во врвот на листите на СДСМ. Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски е носител на листата во првата изборна единица, а зад него е претседателката на ЛДП Моника Зајкова. Во втората ИЕ носител е поранешниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, а по него Фатмир Битиќи, потпретседател на СДСМ и вицепремиер за економски прашања. Сања Лукаревска, заменик-претседател на СДСМ и директорка на УЈП ја предводи листата во „тројката“, а зад неа е министер за земјоделство Љупчо Николовски. Прв во „четворката“ е поранешниот министер за здравство Венко Филипче, зад него поранешната министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Во „петката“ носител е претседателот на Собранието Јован Митрески, а по него министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска. Во „шестката“ листата ја предводи министерка за одбрана Славјанка Петровска, а втор е младиот активист Агрон Демири.

Од СДСМ ги демантираа наводите за незадоволство на партиски членови од кадровскиот состав на листите. Претставници на ВМРО-ДПМНЕ носителите на листи од СДСМ ги оценија како „бледо продолжение на криминалот и корупцијата и на понижувањето на достоинството на македонскиот народ“.

(dw)

 

Back to top button
Close