Стечајот на Еуростандард банка, срам за нашата држава

Почитувани читатели, трагајќи по вистината за Еуростандард банка, однесена во стечај без користење инструменти кои што ги имаше на располагање, Народна банка стана еден голем срам за нашата држава.

Стечајот е вообичаена работа во секоја модерна држава која на мошне ефикасен начин го регулира севкупниот стопански и општествен живот . Има голема разлика во покренување на стечај на фирми кои што претставуваат правни лица и банки.

Денес, во Македонија имаме регистрирано над стотина илјади фирми кои што го регулираат севкупниот стопански и општествен живот во државата, почнувајќи од фирми за производство, трговија, услуги, туризам, ИТ, па сѐ до разновидни дејности кои што го обликуваат нашето живеење.

Банките се посебен и најсилен сегмент во изградба на едно модерно општество. Не случајно постои посебен закон со кој се регулира банкарството во Република Македонија.

Носење на банка во стечај е прашање во кое што мора да бидат вклучени сите институции во државата. Најнапред тоа се Собрание на РМ, Влада на РМ, ресорно Министерство за финансии и Народна банка.

Народна банка не смее да носи банка во стечај во услови кога нема формирано Собрание и Влада на државата, веднаш после завршени предвремени парламентарни избори, и додатно по завршување на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19. Неразбирлив повод за стечај!

Бројот на банки во Македонија не ја поминуваат бројката од 20. Ова значи дека банкарскиот сектор со својата специфичност во стопанската и општествена дејност е многу силен и со закон мора да биде заштитен. Ова има додатно значење во севкупниот стопански и општествен живот во Македонија. Секој од нив извршува низа дејности кои што служат во интерес на општеството, државата и граѓаните.

Да се елиминира банка како во дадениов случај, мора да постојат сериозни причини со кои, за жал се оштетува стопанството и граѓаните.

Денес 4,5 години после стечајот на Еуростанадард банка клиентите, правни и физички лица се обештетени или во краток рок ќе бидат обештетени во целост. Пишувам краток рок, бидејќи согласно информациите, средства во стечајната маса на Еуростандард банка има повеќе отколу што е потребно за исплата на оштетените правни и физички лица.

Во банката не постоеле криминогени мисли за крадење или богатење на поединци и групи. Ние акционерите секогаш стоевме на располагање да ја спасиме банката вложувајќи го сиот наш капитал.

Во моментот кога не можевме сами да ја докапитализираме банката, поканивме и обезбедивме стратешки партнер, кој требаше да влезе со нов, свеж капитал.

Народна банка одлучи да ја носи Еуростандард банка во стечај по нејзини, неразбирливи критериуми.

Од собраните средства во стечајната маса се гледа тенденциозноста на госпоѓата Бежоска, актуелен Гувернер на Народна банка, по секоја цена банката да се однесе во стечај, прескокнувајќи инструменти кои ги има на располагање, согласно Законот за банки.

Инструментите кои Народна банка ги имаше на располагање како што се вонредни мерки и администрација, воопшто не беа користени.

Жално е што госпоѓата Бежоска сѐ уште е Гувернер на Народна банка, а ние акционерите на Еуростандард банка, кои што целосно се вложивме во банката, сѐ уште сме под истрага со замрзнат имот кој не смееме да го отуѓуваме, ниту стопанисуваме.

Семејството мое не знае што е криминал! Никогаш до сега не било осудувано ниту надвор, ниту во Македонија.

Очигледно, чесноста во Македонија не е доблест туку маана. Се прашувам до кога ќе живееме во заробена држава во која што чесните ја плаќаат цената на бандитизмот и организираниот криминал.

Продолжувам со мојата борба до конечно изнесување правда на виделина. Сторителите на ова дело мора да бидат казнети од општеството, а јас и моето семејство рехабилитирани и обештетени.

Јас продолжувам, оти друг избор немам.

Трофун Костовски

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close