Столтенберг: На Самитот во Мадрид ќе се разговара за нов стратешки концепт на НАТО

Русија ќе биде идентификувана како најзначајна и најдиректна закана за нашата безбедност, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во пресрет на Самитот на Алијансата, што ќе се одржи во Мадрид.

Тој истакна дека на Самитот во Мадрид ќе се разговара и за новиот стратешки концепт на НАТО, што првпат се фокусира на Кина и ја препознава заканата што ја претставува за безбедноста и вредностите на одбранбената унија. Според Столтенберг, 80 отсто од граѓаните на земјите-членки на НАТО го поддржуваат зголемувањето на трошоците за одбраната, а над 70 проценти го одобруваат учеството на нивната земја во пактот.

Столтенберг најави дека на Самитот во Мадрид ќе бидат донесени одлуки за зајакнување на сојузничките одбранбени сили за да се обезбеди заштита на секоја педа од територијата на Алијансата, во секое време и од каква било закана. Според него, се очекува одлука за распоредување дополнителни сили на источното крило, до бројот на бригади. Учесниците ќе ја потврдат целта за достигнување на трошоците за одбрана на најмалку два отсто од бруто домашниот производ (БДП).

Генералниот секретар на Алијансата наведе и дека се очекува да бидат одобрени натамошни чекори за продолжување на поддршката на Украина, како доопремување на украинските војници со оружје по стандардите на НАТО.

– Војната во Украина започна во 2014 година со заземањето на Крим, а се продлабочи во февруари оваа година. Досегашната лекција е колку е важно да се има однапред испратена воена опрема во ранливите области. Војните се непредвидливи, тешко е да се предвиди текот на војната. Исходот го одредува комбинацијата на способности, желба и борбеност, посочи Столтенберг.

Според него, војната во Украина би можела да трае „недели, месеци или години”.

– Важно е да се биде подготвен ако тоа се пролонгира, наведе Столтенберг, изразувајќи надеж дека непријателствата ќе завршат што е можно поскоро.

Во однос на желбата на Финска и Шведска да станат членки на НАТО и отпорот на Турција, Столтенберг изрази надеж дека ќе се постигне решение и двете скандинавски земји ќе бидат дел од Алијансата, што е можно поскоро.

– Она што најмногу ми се допаѓа и не ми се допаѓа во мојата работа е тоа што морам да работам со 30 земји. Тешко е, споровите секогаш биле дел од нашата работа, но кога ќе се договориме задоволството е големо, истакна Столтенберг.

Back to top button
Close