СТРАЗБУР одлучува за поништената аболиција на Иванов: „Судот не носи негативни или позитивни пресуди, но утре е важен ден за тоа што значи законитост“

Утре 16-ти февруари во Стразбур ќе биде објавена одлуката на тамошниот Европски суд за човекови права (ЕСЧП) за аболицијата на поранешниот претседател Ѓорге Иванов, за предметите во кои се засегнати поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ како Никола Груевски, Тони Јакимовски, Гордана Јанкуловска, Миле Јанакиески, Сашо Мијалков, Кирил Божиновски и други. Во објавата на Судот се наведува дека „подносители на жалбата се седуммина Македонци/граѓани на Република Северна Македонија и еден Македонец/граѓанин на Република Северна Македонија кој исто така е и албански државјанин“. Европскиот суд треба да даде одговор дали предметите на поранешно СЈО ќе преживеат и дека кривичното гонење било оправдано или ќе запрат и ќе се поништат повеќето предмети. Доколку обвинетите и осудените лица бидат прогласени за жртви, државата можеби ќе треба да им плати и обесштетување.

Поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права, Маргарита Цаца Николовска во разговор за „Локално“ вели дека многу работи ќе бидат важни од утрешниот ден. Според неа, се зависи што ќе биде наведено во самата одлука и што ќе биде понатаму обврска на државата или како тоа ќе се реперкуира на целокупната политичка ситуација во државата.

Маргарита Цаца Николовска

-Јас се согласувам дека ова е многу важна одлука и дека многу работат зависат со тоа во насока на што значи законитост, појаснува Николовска.

Таа е децидна дека Стразбур не носи негативни или позитивни пресуди.

-Стразбур носи пресуда во која што се утврдува дека има повреда или нема повреда. Доколку утврди дека има повреда, тогаш треба да се види во што е таа повреда дали е процедурална или е суштинска повреда во мерит. Ако е процедурална тогаш странките имаат можност да бараат повторување на постапката, но повторно зависи што е процедурална повреда. Ако е повредата во мерит, треба да се види што е самата повреда и во зависност од тоа треба да се испитува дали треба да дојде до промена на законодавство или носење на нови закони, порачува судијката.

На прашањето дали еднаш дадено помилување може да биде отповикано, таа вели дека е многу нејасно, имајќи ја во предвид македонската состојба, односно состојбата во предметот.

Судот во Стразбур

-Прашањето е дали постоела можност да се донесе помилување, имајќи ги во предвид законските одредби во Македонија. Тоа е нешто кое што прво треба да се утврди и после тоа да се дискутира или да се дава некое соодветно мислење, посочува Николовска.

Судијката оценува дека постои можност да застарат некои кривични дела додека тече времето на жалба во Стразбур, со оглед на состојбата во националното правораздавање од една страна и од друга страна, извршувањето на казната во одреден момент не е врзано за одлуката во Стразбур.

-Тоа се посебни две постапки кои што ако се дојде до некоја ситуација за повторување на постапката, ќе се повторува. Институтот застареност не може да се елиминира. Во нашето законодавство има различни пристапи на застареност на делото и се зависи што ќе биде застареност – дали е за извршување на казна или е застареност на извршувањето на кривичното дело. Многу зависи од повеќе околности, прокоментира Николовска која во моментов се наоѓа токму во Стразбур.

Преземено од lokalno.mk

Back to top button
Close