Струшкиот адвокат Ќатоски поднесе иницијатива за минималната плата да биде основица за пресметка на функционерските плати
Струшкиот адвокат Глигор Ќатоски до парламентарните партии поднесе иницијатива за измена на членот 11 од Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица, со која основицата за пресметка на платата на функционерите ќе се утврди како минималната исплатена месечна плата по вработен за претходната година. Според него, избраните и именувани лица треба да покажат солидарност со својот народ во време кога земјата се соочи со коронакриза, економска криза како и криза предизвикана од воениот конфликт во Украина, пишува СДК.
Со одлуката на Уставниот суд на 21 март годинава, се укинаа одредби од Законот за плата и други надоместоци, со што значително ќе се зголеми основицата за пресметување на плата на функционерите и ќе овозможи зголемување на платата за 78 отсто.
„Етички и морално да се направи е функционерите да покажат доблест и солидарност со својот народ, да направат соодветни законски измени за да не го дозволат тоа покачување на нивните плати, коешто е прилично големо“, вели Ќатоски.
Ќатоски смета дека ваквата измена е неопходна оти финансискиот надоместок на избраните и именуваните функционери не треба да биде основен стимул за висока државна функција, туку одговорноста да се придонесе за општото добро и јавниот интерес.
…