Судот му одреди куќен притвор на Драги Рашковски

 

Судија на претходна постапка му одреди куќен притвор на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски за случајот со набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци, иако Обвинителството бараше ефективен притвор.

Освен на Рашковски, Судот му одреди куќен притвор и на Даниел Станчески, сопственикот и управител на фирмата „Инвока гроуп“ којашто го доби тендерот за софтверот. Судот својата одлука ја правда со тоа што Обвинителот не приложил докази за поткрепа на основите за сомнение поради кои се бара притвор.

-По произнесување на јавниот обвинител во однос на предлогот со кој бара определување мерка притвор заради постоење на основите од член 165 ст.1.т.1 и 2 односно (т.1) опасност од бегство со оглед да осомничените се имотни и (т.2)влијание на сведоци и попречување на истрагата, како што е наведено во предлогот, како и произнесување на осомничените воприсуство на нивните бранители, судија на претходна постапка донесерешенија со кои на осомничените им определи мерка куќен притвор како и мерка Забрана за комуникација со другите осомничени и Забрана за користење на средства за комуникација. Имено во предлогот обвинителот не приложил докази во поткрепа на основите на сомнение заради кои се бара притвор, односно не приложил доказ дека осомничените се имотни и доказ како осомничените влијаеле или
ќе влијаат на истражната постапка.Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет, соопштија од Кривичниот суд.

Другите две лица за кои се бараа мерки за претпазливост дополнително ќе бидат повикани на распит во Кривичен суд и ќе се одлучува.

Обвинителството го товари Рашковски дека додека бил генерален Секретар на Владата набавил софтвер за сообраќани прекршоци. Според Обвинителството тој ја договорил набавката доставувајќи сопствен патент за кој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка..

Рашковски пред неколку дена си поднесе оставка од функцијата секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата на Владата и на стратешки проекти. Премиерот Зоран Заев ја прифати оставката.

Back to top button
Close