Судот во Лондон ја отфрли тужбата на Трамп против приватна британска истражна фирма

Судот во Лондон денеска го отфрли случајот покренат од поранешниот американски претседател Доналд Трамп против приватна британска истражна фирма поради објавување на документи, според кои Русија ја поддржала неговата претседателска кампања.

Трамп поднесе тужба за приватност против „Орбис бизнис интелиџенс“ (Orbis Business Intelligence) поради досието напишано од поранешниот британски разузнавач и коосновач на истражувачката фирма, Кристофер Стил.

Трамп ги негира наводите во така нареченото досие Стил, вклучително и наводите дека учествувал во „перверзни сексуални дејствија“ во Русија и дека плаќал мито на руски функционери за да помогне во унапредувањето на неговите деловни интереси. Тој бараше да биде обесштетен за нарушување на угледот предизвикано од „лажните, наметливи и штетни наводи за (неговиот) приватен живот“.

Судијката Карен Стајн во одлуката наведе дека Трамп „нема разумна основа да бара отштета“.

Back to top button
Close