Судскиот совет испитува одговорност кај еден врховен и четворица судии од скопска апелација
Пред Судскиот совет се вкупно 38 пријавени судии за разрешување и за дисциплинска одговорност, за кои иницијатива поднеле адвокати, фирми и граѓански здруженија. Меѓу нив е еден врховен судија и четворица судии од Апелациониот суд Скопје, повеќемина од Граѓанскиот, а има и судија од Основниот кривичен суд.
Досега има 28 комисии, во понеделник ќе се формираат уште 10, за сите 38 најнови поднесени и инцијативи.
„Во понеделник на 6 декември една од точките на дневен ред на седницата на Судскиот совет е избор на комисии за утврдување одговорност кај судии за несовесно и нестручно постапување. Ќе бидат избрани 10 комисии за десет случаи. Претходно, пред две седмици беа избрани други 28 комисии за истата цел- утврдување одговорност за нестручно постапување од страна на судии. Ова значи дека во следниот период Судскиот совет ќе мора да одлучува во однос на 38 барања, односно за судии кои, според подносителите на барањата, го прекршиле законот и не постапувале совесно и стручно. За новите 10 случаи ќе се знае во понеделник, а за тие 28 за кои веќе се избрани комисии постапките започнуваат наскоро. Во тие 28 случаи на одговорност се повикуваат еден судија од Врховен суд, тројца од Апелационен суд Штип, четворица од Апелационен суд Скопје, а другите се судии низ основните судови, доминираат Основен граѓански суд и Основен суд Штип, а има случаи од основните судови во Тетово, Струга, Струмица, како и Основен кривичен суд Скопје”, се вели во одговорот на Судскиот совет до САКАМДАКАЖАМ.МК.
Вчера Врховниот суд ја укина одлуката на Судскиот совет за разрешување на врховниот судија Стојанче Рибарев, но поради технички пропусти во постапката. За Рибарев Советот за кратко време ќе одлучува повторно.