СВАДБА БЕЗ ЕСАП
Како и колку ќе потрошиш од моите пари за мојата прослава?
Владата вели дека дури по објавувањето на сите настани поврзани со прославата по повод 35-годишнината од прогласувањето на независноста на државата ќе каже колку ќе чинат настапите на Дејвид Гета и Хосе Карерас. Портпаролката на Владата, Марија Митева, вели дека имало некои договорни клаузули за кои не се во можност сега да зборуваат.
„Ќе ни дозволите да завршиме со најавите за сите настани и потоа достоинствено и доследно ќе информираме за сите детали“, рече Митева.
Не е темата дали треба да има прослава на јубилејот од прогласувањето независност. Нормално дека треба. Не е темата ни дека за таа прослава треба да се потрошат пари од даночните обврзници. Не е тема ниту дали ќе викнеш светски ѕвезди. Не е тема ни квалитетот на програмата.
Темата е колку ќе потрошиш од нашите заеднички пари. И врз основа на што некој донел одлука да ги потроши тие пари. Како е донесена одлуката баш тие ѕвезди да се донесат? Дали имало некоја комисија, организационен одбор? Кој бил дел од таа комисија? Имало ли некаков конкурс? Имало ли некаков тендер за организатор/промотер и за која сума? Има ли посебна ставка во Буџетот за прославата? Дали во организацијата на прославата Владата смета и на пари од општествено одговорни компании, па после ќе им компензира за одговорноста со тендери и јавни набавки?
Ама, на сите овие прашања треба да се одговори пред да почне да се трошат парите. Си има закон, само треба да си ги почитуваат процедурите.
Свадба да правиш треба да знаеш колку пари ќе потрошиш. Колку ќе те чини салата, која музика ќе ја одбереш, колку ќе ја платиш музиката, колку ќе ја платиш порцијата за гостите… Вака, како што вика Владата, излегува како да прави свадба без есап. Нека чини колку ќе чини. Има кој да плаќа. Троши колку што треба, па на крај ќе ви кажеме колку сме потрошиле.
А и зошто би ни кажувале како го трошат нашите пари? Министерката за финансии не се појавува во Собранието да им објасни на пратениците зошто државата се задолжува за 260 милиони евра, а ние очекуваме да ни кажат нам, обичните гласачи колку ќе потрошат да ни организираат забава.
Што има да прашуваш за пари, ако Владата ти вика дека ќе организира светска забава. Ти си сељак што не знае кои се Дејвид Гета и Хозе Карерас. Глодар од талогот на општеството што не може да се израдува на успесите на Владата дека сме трети и петти по раст во Европа и на патот кон ЕУ ги престигнуваме и фронтранерите Црна Гора и Албанија. Предавник што не сака да се израдува на 35-годишнината од прогласувањето независна држава






