„Тајна проекција“ на документарец за Преспанскиот договор
Денко Малески
Уште кога се преселивме во новите згради на универзитетот на почетокот од седумдесеттите, тие ми изгледаа како урнатини. Едноставно, не можев да ја разберам таа архитектура која ме потсетуваше на римски катакомби. Вчера приквечер, пак, се почувствував како раните христијани кои се собирале на такви места скришно од римската власт. Но, да нема забуна: се чувствував како ран христијанин во некоја од комедиите на „Монти Пајтон“, а не како вистиски страдални.

На проекција на документарен филм, направен од Соња и Дуле, на тема која, иако не е забранета, е горчливо непопуларна кај власта и кај народот: Преспанскиот договор.
Во скромната „Австриска библиотека“ имаше дваесетина столици, или некоја повеќе, а пред публиката голем телевизиски екран. Од учесниците на потпишувањето на договорот беше тогашниот премиер Зоран Заев. Филмот, во кој, повремено, се појавувам како еден од нараторите, забележувам, е посветен на двајцата храбри политичари, Заев и Ципрас, кои го поведоа народот преку националистичкиот јаз на страв и омраза. Без нив, како што ќе истакне Нимиц, договорот не ќе беше. Забележувам момент кога, по малку поетски настроен, во документарецот јас велам дека Преспанскиот договор е мост преку грчкиот и македонскиот национализам кој треба да ги покаже предностите од разбирање и соработка меѓу двете држави и двата народи. На што се држи таков мост, помислив сношти.
Мостот наречен Преспански договор е производ на ерата на „хегемонскиот мир“ на Америка во светот. Имено, влијанието на единствената голема сила која, промовирајќи ја либералната демократија, си стави во задача да го преобликува светот по сопствен изглед, беше огромно. Немаше конфликт или недоразбирање меѓу државите кој не можеше да биде решен од страна на „хегемонот“, со арно или поинаку. Но,во нашиов случај, зради неважноста на малата македонска држава во меѓународната политика, требаше да бидат засегнати интересите на Америка, за таа да се вмешa директно. Бидејќи тоа го немаше 25 години, Американците спорот го прогласија за билатерален и во надлежност на Скопје и Атина. Одбиваа да бираат меѓу нас и Грција зашто , следејќи ги своите интереси, тоа сигурно ќе беше на штета на Македонија. Така, проблемот остана отворен. Затоа, уште пред Преспанскиот договор, кога на ручек со американскиот амбасадор Џес Бејли тој ми рече дека Македонија ќе стане членка на НАТО, мојата прва реакција беа зборовите :„А, Грција?“.
Можно ли е, после толку години отпор, најнационалистичката земја во светот, така лесно да се откаже од името „Македонија“? Одговорот на Беjли беа пет збора: „It is a security issue“ (Се работи за безбедносно прашање). Чие безбедносно прашање не морав да прашувам. На хоризонтот веќе се наѕираа темните облаци на конфликтот меѓу Западот и Украина со Русија. Американскиот интерес, конечно се поклопи со македонскиот за решение кое ќе ни ги отвори вратите кон НАТО и ЕУ.
Новите премиери на Македонија и Грција, Мицковски и Мицотакис, во документарниот филм, велат дека не се согласни со Преспанскиот договор, но дека тоа е факт кој не може да се заобиколи веќе.Она што ме загрижува е дека, за разлика од грчката, нашата власт постојано го подгрева „предавничкиот“ договор. Стравот и омразата не се добри советници во водење меѓународна и домашна политика и владата мора итно да престане со таа пракса. Имено, ова се други времиња. Хегемонскиот мир на Америка е во процес на крвава трансформација кон мултиполарен свет, преку нова прераспределба на моќта меѓу големите сили. Судбината на веќе изградениот мост преку стравот и омразата меѓу Македонците и Грците денес го држат политичарите и народите од двете страни на границата не толку Америка. И немојте да мислите дека, ако зацапате во конфликт, американската коњица ќе ви дојде на помош, како во каубојските филмови, знаева да ме предупредат американските пријатели во девдесеттите. Истото, само повеќе, важи денес.






