Така е шефе

Да послушаше Заев уште пред две години, кога медиумите почнаа да објавуваат документи за кабаетите на тогашниот генерален секретар на Владата, а до пред неколку дена секретар за „што и да е“  Драги Рашковски, најмалку што можеше да направи беше да го отпушти од функцијата. А тој го бранеше. И уште го брани.

За Рашковски има истрага и куќен притвор. Ама сега нема да гори само Рашковски. Сега ќе гори и партијата.

Зоран Заев покажа дека има каде-каде поголем демократски капацитет од Никола Груевски. Барем ние што паметиме, тоа го чувствуваме. Ама што ти вреди тој демократски капацитет, со толерирање кабадахиство комбинирано со неспособност и демонстрација на немоќ.

Секогаш власта поминува низ неколку фази пред да ги разочара тие што верувале кога ги гласале. На почеток, си мислат дека сè можат, сè ветуваат, ги држи ентузијазот за промени. Потоа, доаѓаат до фазата кога ќе се соочат со комплицирани правни ујдурми и партизирана администрација која е неспособна, понекогаш корумпирана, а понекогаш и не сака тоа да го реши. И – доаѓа фазата кога лидерот ќе се потпре на подлизурковците, на партиските војници и на медиокритетите што викаат „Така е шефе, браво шефе, најубав си шефе“.

Е сега сме во фазата – кога власта веќе е опиена од убавините на владеењето и надмоќта – нема што да ви објаснувам, преку таквото ми е од вашите прашања.  И – баш ми е гајле што мисли јавноста. Ама ќе глумиме дека ни е гајле. И затоа, ќе пишуваме ен-џи-о фрази на Фејсбук дека ќе го ограничиме ручекот на функционерите на 1.500 денари и ќе броиме чаши вода со 10 нови вработувања за „креирање на системски мерки за спречување и искоренување на корупцијата“.

Што се однесува до мене, поарно да глумат дека им е гајле, отколку да почнат да прават репресија ко што правеше ВМРО-ДПМНЕ. Тоа е веќе фазата – ако не си со мене, нема да те има. Ете, толку ни се ниски очекувањата.

Секоја власт паѓа кога ќе почне да мисли дека гласачите се глупави. Власта на СДСМ е сега во таа фаза – остави ги луѓето нека џафкаат.

Целата колумна на Горан Михајловски на „СДК“ на следниот линк.

Back to top button
Close