Таравари дефинитивно ја напушта Владата поради нарушена доверба со поранешните партнери во ВЛЕН!

Иако и Мицкоски направил обид да посредува меѓу довчерашните партнери во ВЛЕН, со цел оваа коалиција да биде поконкурентна во однос на ДУИ на локалните избори, сепак, не успеал да го премости јазот меѓу нив, поради што само треба да се официјализира преселбата на Таравари во опозиција, велат владини извори за „Фокус“.

По средбите што премиерот Христијан Мицкоски ги одржа со лидерот на Алијанса за Албанците Арбен Таравари и неговите поранешни партнери во ВЛЕН – Изет Меџити, Биљал Касами и Зеќирија Ибраими, јасно е дека нема никаков простор за обновување на соработката меѓу албанските лидери во власта под чадорот на ВЛЕН, ниту пак за нивно заедничко функционирање во рамки на владината коалиција.

Како што велат владини извори за „Фокус“, веќе извесно е дека Таравари ќе ја напушти Владата, бидејќи, според нив, довербата меѓу него, од една страна, и Меџити, Касами и Ибраими, од друга страна, е целосно нарушена, поради што во моментов невозможно е да се најде начин за синхронизирано делување меѓу нив, дури и со посредство на Мицкоски.

Според нашите извори, Таравари на средбата со Мицкоски го вперувал прстот кон останатите лидери на ВЛЕН дека во голем дел биле некоректни кон него и дека недоволно го почитувале неговиот придонес во коалицијата, меѓутоа истовремено дал одредени сигнали дека можеби отишол предалеку во забелешките со кои отвори конфликт со довчерашните партнери.

Токму затоа било заклучено да се направи уште еден обид за изнаоѓање на одредена форма на соработка меѓу лидерите на ВЛЕН, меѓутоа, додаваат нашите извори, веќе на следната средба на Мицкоски со Меџити, Касами и Ибраими се видело дека тоа е навозможно, од причина што тројцата ставиле јасно до знаење дека довербата меѓу нив и Таравари е целосно нарушена.

Висок владин функционер вели Меџити, Касами и Ибраими тврделе дека Таравари неколку месеци наназад бил неискрен кон нив за многу работи, вклучително и за неговите директни контакти со лидерот на ДУИ Али Ахмети, поради што тие не би можеле да му веруваат како ќе настапи во иднина дури и ако сега постигнат некаков договор.

Тројцата лидери на ВЛЕН имаат разлики околу мотивите за однесувањето на Таравари, бидејќи Меџити смета дека тоа е плод на неговиот карактер, додека Касами и Ибраими се уверени дека е уценет од ДУИ, меѓутоа сите се согласуваат дека доколку сега постигнат договор со него тие нема да бидат сигурни дека Таравари нема да смени страна непосредно пред локалните избори или веднаш по нив – вели нашиот соговорник.

Иако премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски направил обид да посредување меѓу Таравари и лидерите на ВЛЕН, со цел владејачкиот албански сојуз да биде поконкурентен во однос на ДУИ на следните избори, сепак, тој не успеа да го премости јазот меѓу нив, поради што наскоро само треба да се официјализира преселбата на Таравари во опозиција.

Она што останува неизвесно е како тоа ќе се рефлектира врз парламентарното мнозинство, односно дали сите 5 пратеници на Алијанса на Таравари ќе се отклонат од ВЛЕН и ќе делуваат опозициски, или, пак, некој од нив можеби ќе продолжи да го поддржува парламентарното мнозинство?

Додека може да се слушне дека функционери на АА се уште остро ја критикуваат ДУИ, како што впрочем направи вицепремиерот од оваа партија Арбен Фетаи, неговиот лидер Таравари денеска на брифинг со новинари истакна дека поважно му било да има повеќе градоначалнички места отколку две министерски позиции.

Истовремено, тетовскиот градоначалник Касами, кој е еден од лидерите на ВЛЕН, изјави дека Таравари нема да биде дел од Владата, но воедно додаде дека во извршната власт ќе може да останат оние членови на АА што не се согласуваат со нивниот претседател.

Одлучивме дека во следниот период ќе работиме заедно во правец на тоа Арбен Таравари како главен носител на идејата за соработка со ДУИ да не биде дел од Владата. Договор има дека кој било што соработува со Али Ахмети, во ваква ситуација не може да биде дел од Владата – рече тој и посочи дека за динамиката и модалитетите како тоа ќе се спроведе кога ќе имаат конкретно решение ќе ја запознаат јавноста.

Кога веќе е јасно дека дефинитивно се разделија патиштата меѓу Таравари и другите лидери на ВЛЕН, тоа значи дека тој не може да смета и на поддршката на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори, бидејќи, како што јавно изјавија високи функционери од оваа партија, тие на изборите ќе ги поддржат исклучиво кандидатите на ВЛЕН.

Во таква ситуација, на Таравари му останува единствено со помош на ДУИ да го добие Гостивар и евентуално уште неколку општини, но, без оглед што неговиот потег да го дефакторизира ВЛЕН му врши работи на Ахмети, прашање е колку ДУИ би му отстапила општини, ако се знае дека ќе водат тесна битка со ВЛЕН за Чаир и Тетово, а Струга најверојатно ќе му ја отапат на Зијадин Села.

Во вчерашното интервју на Топ Тема, Села меѓу редови порача дека за него е неприфатлива соработка со Таравари во рамки на Европскиот фронт предводен од ДУИ, бидејќи, според него, тој не е симбол на борбата на Фронтот за почитување на легитимитетот на Албанците при нивно претставување во власта.

Back to top button
Close