Таравари: Има простор за критика, но најважно е што од 193 пациенти само еден почина

Има простор за критика, повелете, критикувајте не, но со гордост можам да кажам дека од вкупно 193 пациенти со изгореници успеавме и до денеска имаме само еден починат, рече министерот за здравство Арбен Таравари, одговорајќи на новинарски прашања во врска со трагедијата во Кочани.

Според Таравари, исправна е одлуката дел од пациентите да се пратат во странство зашто и земји како Турција или Германија, со голем капацитет, не ќе можеа и ќе имаа проблем да изменаџираат повеќе од 190 лица со изгореници.

Министерот уште еднаш ја повика Владата да ги разреши сите четири несреќи што се случија во изминатите пет години и во кои имаше повеќе од сто жртви.

-Имаше пропусти, неуспеси на институциите, затоа се случија овие четири трагични настани. Ја охрабруваме Владата чиј дел сме и ние, да ги реши овие случаи, да излезат пред органите на правдата тие што потфрлија или погрешија. Ако сакаме да не ни се повторат, да ги решиме сите четири случаи. Над 100 жртви за пет години од грешки на луѓе, некогаш од мала, некогаш од поголема корупција,… Го охрабрувам премиерот да оди до крај, да се решат барем овие последни четири случаи. Тоа е целта и на Резолуцијата за трагедијата во Кочани, со неа се охрабрува Владата да се најде кој е крив, рече Таравари.

Во врска со пожарот во дискотеката во Кочани, министерот уште еднаш нагласи дека Министерството за здравство и Владата направија максимум.

-Се обидовме и го дадовме нашиот максимум. И на Турција и Германија ќе им беше проблем да менаџираат 193 пациенти. Со голема гордост велам дека од 193 пациенти до денеска имаме само еден што почина. Има простор за критика „зошто не ги држевте тука“, но за мене е важен крајниот резултат, да имаме што помал број жртви. До пред два дена немаше, сега имаме ден, се надевам што помалку ќе имаме. Критикувајте, повелете, но со најголема одговорност велам, совеста ми е чиста. Владата стори максимум, пациентите да не платат денар, блиските да патуваат без пари, сместувањето да им биде без пари, секое семејство да има финансиска помош. Отворени сме за критики, но за мене бројот на жртви е еден, подвлече Таравари

Back to top button
Close