Таравари на ДУИ и’ препорачуваше „Ефридол“, а сега?

Непринципиелната политика на две столчиња, на нејасни позиции каде што не се знае кој е партнер, кој сојузник, а кој противник – заврши!

Ова е пораката од ВЛЕН (ВРЕДИ) објавена по вчерашниот состанок на нејзините партнери Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибраими со премиерот Христијан Мицкоски. Според владини извори, средбата поминала во конструктивен и партнерски дух, посветена на реформските прашања и борба против криминалот.

Средбата со ВЛЕН уследи еден ден по средбата на Мицкоски со Таравари, која заврши без епилог, со најава дека разговорите ќе продолжат и дека во текот на овој месец ќе биде познато какво ќе биде идното функционирање на Алијанса за Албанците (АА).

За ВЛЕН таа дилема е затворена од денот кога крилото на АА предводено од Таравари реши на локалните избори да настапи со посебни листи за советници, што предизвика незадоволство кај другите партнери. Од ВЛЕН вчера порчаа дека „нема да бидат потпора за криминал и дека двојните политики им припаѓаат на лицемерните“.

„Оние што си заминаа го направија тоа затоа што ја искористија ВЛЕН како отскочна штица за да скокнат во скутот на Ахмети. Обидувајќи се да ја зголемат зделката, го зголемија својот срам и неуспех и го разоткрија своето лицемерие и злоба. ВЛЕН нема да дозволи ДУИ да се врати во оваа влада, дури ни низ задна врата. Ниту преку нејзините врски, ниту преку оние кои се лошо фатени во мрежата на олигархијата на криминалот и корупцијата. Партнерството со ВЛЕН не е засолниште за оние кои ги прикриваат врските со криминалот со лажен патриотизам и со измислена виктимизација“, порача ВЛЕН.

Лекот за болка оди кај

Разочарувањето од АА во ВЛЕН е огромно, бидејќи крилото на Таравари се приклучи на таа коалиција како субјект со изразена анти-ДУИ политика и се залагаше за промени. Пред ланските двојни избори тогашниот функционер на ДУИ, Артан Груби, на ВЛЕН и порача дека има лек за болката на оваа, тогаш опозициска коалиција, препорачувајќи им го лекот „Ефридол“. Таравари го возврати потегот кога ВЛЕН ја славеше победата и во раце го носеше истиот лек, како порака до ДУИ да ја залечат болката поради тоа што промените доаѓаат и ДУИ ќе мора да замине од власта.

Една година подоцна лекот за третман на акутна болка повторно заигра. Овојпат Изет Меџити го потсети Таравари на тој лек, но го птсети и дека ја повикале АА да биде носител на промената.

„Твојата еуфорија била само за пред камери. Ништо искрено. Вечерва ВЛЕН одлучи – светлата се гасат за лицемерието. Дволичноста … не ВРЕДИ“, порача Изет Меџити.

 

LПред состанокот со Мицкоски, Билал Касами од ВЛЕН изјави дека не ја прејудицираат позицијата на премиерот, но ќе инсистираат до крај дека не може да се прифати некој да соработува со ДУИ, во околности кога нејзини лица се на црна листа и кога високи функционери на таа партија треба да одговараат за корупција.

 

Средба Ахмети- Красниќи

ДУИ, која очекува да ќари од потегот на Таравари (излегувањето од ВЛЕН, а особено од Владата), веднаш по изјавата на премиерот дека ќе сака да слушне од Таравари јасен став дали е точно дека има договор меѓу АА и ДУИ, реагираше дека Мицкоски „нема ни морален ни политички легитимитет да го дизајнира политичкото претставување на Албанците“.

Ваквата реакција на ДУИ, под образложение дека „албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на албанските граѓани“, беше прочитана како јасен сигнал дека Мала Речица го охрабрува Таравари никому да не се правда за своите партиски одлуки.

Додека ДУИ очекува политичка дивиденда од туѓ потег, а Таравари изјавува дека се води исклучиво од интерсите на народот, Али Ахмети за положбата на Албанците во Северна Македонија води разговори во Косово.

Мемли Красниќи, претседателот на Демократската партија на Косово (ПДК), на Фејсбук сподели дека вчера имал задоволство, како што наведува, да го пречека лидерот на ДУИ и една од најважните албански политички личности во регионот, Али Ахмети. Притоа објави дека разговарале за предизвиците и тековните напори за унапредување на правата и положбата на Албанците во Северна Македонија.

„Братска дискусија и исклучително плодна дискусија. Разговаравме за предизвиците и тековните напори за унапредување на правата и положбата на Албанците во Северна Македонија. ПДК останува посветена на зајакнување на меѓуалбанските врски и поддршка на политичкото и институционалното јакнење на Албанците каде и да се – не само во функција на национален интерес, туку и како придонесувач за евроатлантската стабилност и интеграција на Балканот“, објави Красниќи. (dw)

Back to top button
Close