ТЕЦ Неготино, мазутот и обвиненијата: Што велат официјалните податоци?

Подобро е истрагата да запре, наместо да се поднесе обвинение кое подоцна ќе падне на суд, смета државниот јавен обвинител Ненад Савески за случајот „Мазут.

 

Савески ја поддржа обвинителката Коларевиќ, а на брифинг со медиумите истакна дека е изненаден од реакциите на јавноста.

Нормално е државниот јавен обвинител да е подобро запознаен од јавноста со овој случај, бидејќи истиот може да ги види фактите какви, за разлика од јавноста која е подложна на секојдневни партиски препукувања и река од информации, од кои голем дел, можат да бидат и неточни. Савески истакна дека е изненаден од реакциите на јавноста, бидејќи јавноста немала увид во доказите, чиј недостаток е главната причина за запирање на оваа постапка.

Она за што македонската јавност беше најмногу загрижена е прашањето дали мазутот го загадувал воздухот или не.

Во Македонија постои Правилник за квалитетот на течните горива каде се пропишуваат граничните вредности на сите горива, меѓу кои и мазутот. Согласно правилникот, за мазут се контролираат граничните вредности за сулфур, вода, пепел, седименти, точка на палење, калориска моќност, вискозитет на 100 степени, карбон. Државата има строга контрола над увезените нафтени деривати, преку Цaринската управа, како и преку Државниот пазарен инспекторат, а во овој случај не е утврдено надминување на граничните вредности.  Македонија инаку има една од најстрогите регулативи кога станува збор за квалитетот на горивата.

Според официјалните извештаи на ТЕЦ Неготино, од каде редовно се вршела контрола на квалитетот на воздухот, во периодот за кој се истражуваше, а  во јавноста се шпекулираше со информации за „труење“ и „загадување на воздухот“, воопшто и немало загадување од ТЕЦ Неготино.

Но, ако загадувањето во Неготино е од мазутот, зошто градот Скопје е меѓу најзагадените во светот, а не се употребува мазутот? Компанијата РК, која беше дел од овој случај, никогаш не носела мазут во Скопје.

Согласно лиценците за трговија со нафтени деривати, Регулаторната комисија за енергетика месечно врши контрола од каде купуваат фирмите кои имаат лиценци и каде продаваат. Согласно извештаите, евидентно е дека Скопје никогаш не било загадено поради мазутот, бидејќи главната когенеративна централа ТЕ-ТО работи на гас. И покрај ова, Скопје редовно е помеѓу топ пет најзагадени градови во светот, особено во зимскиот период.

Иако во јавноста мазутот често се става во негативен контекст, примерите од најразвиените и најеколошките европски држави докажуваат дека овој енергенс може да се користи во процесот на производство на електрична енергија без да предизвикува загадување на воздухот.

Земји како Финска, Шведска, Германија, Данска и Франција веќе со години ефикасно го користат мазутот како сигурен и брз резервен капацитет за стабилизација на своите електроенергетски мрежи.

Франција задржува стратешки термоцентрали на течно гориво за брза интервенција при зимски шокови, потпирајќи се на строгите ЕУ норми за емисии, Естонија има долгогодишно искуство со преработка на нафтени шкрилци и тешки масла за енергетика, Грција користи нафтени деривати за производство на струја на изолираните острови кои не се поврзани со централната мрежа. Иако во Норвешка 98% од струјата е од хидроцентрали, користи нафтени постројки како индустриска резерва и е глобален пионер во складирање на јаглерод под морето (проектот Northern Lights).

Во врска со економските прашања во овој случај, АД Електрани на Северна Македонија воопшто не пријавиле штета за време на процесот. Овој факт го повтори и професорот Гордан Калајџиев кој во неколку јавни настапи го постави прашањето дали воопшто ЕСМ може да вложи жалба до Вишото јавно обвинителство поради одлуката на ОЈО ГОКК за запирање на постапката, која нема пријавена штета.

Доколку во целиот критичен период кој е опфатен со истрагата, се анализираат берзите на електричната енергија, лесно може да се констатира дека доколку ТЕЦ Неготино не работело, Македонија за да купи струја ќе потрошела 880 милиони евра.

Дополнително прашање дали потребната количина воопшто можела да се обезбеди, бидејќи енергетската криза во тој период беше не само ценовен шок, туку и недостаток на гас, мазут, дизел и бензин. Споредено со денес, енергетската криза која ја предизвика војната во Иран е поради цената на нафтата и нафтените деривати. Количините на истите не се доведуваат во прашање, за разлика од тогашната енергетска криза каде државите се бореа за да ја обезбедат потребната електрична енергија.

Бројките покажуваат дека ТЕЦ Неготино еготино секоја година како ладна резерва ја чини државата околу 5 милиони евра со самото постоење, за плати, тековни трошоци и слично. Она што е евидентно и од официјалните извештаи на ЕСМ, ТЕЦ Неготино во 2022 и 2023 година има остварено профит од 30 милиони евра.

Крајниот збор за случајот секако ќе го има Вишото јавно обвинителство, но останува дилемата, дали случајот „Мазут“ може да постои доколку воопшто нема штета по буџетот на ЕСМ и државата?

 

Back to top button
Close