Тигањ за МИА: С Македонија заслужи преговори, сакаме да се почнат за време на португалското претседателство

Хрватската амбасадорка не сака да коментира што би се случило доколку ЕУ и овој пат не испорача и не се одржат првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија односно каква порака ќе се испрати до регионот и каков ќе биде кредибилитетот на Унијата, туку потенцира дека европската перспектива на Западен Балкан е несомнена.

Северна Македонија спроведе бројни реформи, од кои некои навистина беа и болни. Затоа сметаме дека Северна Македонија заслужува отворање преговори колку што е можно побрзо. Би сакале тоа да се случи уште за време на португалското претседателство – да се одржи првата меѓувладина конференција, односно формалниот почеток на пристапните преговори, изјави во интервју за МИА амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ.

Тигањ вели дека Хрватска го поттикнува и поддржува дијалогот меѓу Северна Македонија и Бугарија за изнаоѓање решение. Таа додава дека е потребно и продолжување на реформскиот процес и консензус на сите политички сили во државата.

Амбасадорката на Хрватска во Северна Македонија, Нивес Тигањ / Фото: МИА

„Тоа е многу важно, бидејќи таквиот пристап ја потврдува посветеноста на вашата земја за вашата стратегиска цел, а тоа е членство во Европската Унија. И Хрватска имаше билатерална пречка на својот евроинтеграциски пат, па морам да кажам дека апсолутно имавме еден политички консензус, сите политички субјекти во државата имаа јасна цел и јасно определување за членство во Европската Унија“,

вели хрватската амбасадорка.

Во интервјуто таа не сака да коментира што би се случило доколку ЕУ и овој пат не испорача и не се одржат првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и Албанија односно каква порака ќе се испрати до регионот и каков ќе биде кредибилитетот на Унијата, туку потенцира дека европската перспектива на Западен Балкан е несомнена.

„Јас би се фокусирала на сегашните активности, на она сега што се случува, не би размислувала за некои негативни последици, ниту што би било кога би било. Она што е сега, морам да го кажам, тоа е факт, дека европската перспектива на земјите од Западен Балкан е несомнена. Ќе потсетам само на времето кога Хрватска претседаваше со Советот на ЕУ, кога испорачавме одлука и покрај пандемијата, кога испорачавме одлука за отворање преговори за Северна Македонија и Албанија. Ќе потсетам на силниот ангажман на германското претседателство, а и сега, како што и самите споменавте, португалското претседателство со Советот на ЕУ. Документот што минатата седмица е презентиран на Скопје и на Софија, токму со цел изнаоѓање решение во спорот меѓу вашата земја и Бугарија и со цел деблокада на европскиот пат на Македонија. Тоа се конкретни потези, конкретни активности на Европската Унија и целосно јасна цел на посветеноста на Европската Унија на земјите од Западен Балкан, односно на политиката на проширување на Западен Балкан“,

вели Тигањ во интервјуто за МИА

 

Back to top button
Close