Тошковски: Би бил пресреќен ако камерите на улиците проработат во јануари следната година

„Сообраќајните правила се кршат затоа што нема систем што ќе овозможи секој што ќе згреши да биде казнет. Е, кога ќе знаеме дека секој што ќе згреши ќе биде казнет, јас ви гарантирам дека десеткратно ќе се намалат бројките што се страшни“, вели министерот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски се надева дека идната година ќе има конечна примена на проектот „Сејф сити“ и очекува тоа да придонесе до намалување на бројот на жртви на сообраќајни незгоди.

„Ќе треба да се направат одредени законски измени, ќе треба да се утврдат сите оние чекори што ќе се преземат во иднина за на крајот да имаме систем со кој оној што управува моторно возило спротивно на закон да биде казнет. А, притоа секој еден што ќе се огреши да биде казнет исклучувајќи го човечкиот фактор во рамки на целокупната постапка од аспект на носење на одлука дали треба или не треба да биде казнет“,рече Тошковски денеска одговарајќи на новинарски прашања.

Тошковски вели дека би бил пресреќен ако финалната имплементација на „Сејф сити“ биде во јануари идната година.

„Јас би бил пресреќен да биде во јануари, но и со декември ќе бидам задоволен“,рече Тошковски.

Министерот потврдува дека сè уште нема целосна покриеност со камери на подрачјето на Град Скопје, но најавува дека во периодот што следува ќе се имплементира она што е договорено и е испланирано од претходно.

„Повеќе пати го имам објаснето значењето на ’Сејф сити’ како проект, кои се бенефитите што треба да ги имаме од имплементација на истиот и многу пати сум кажал колку што би можело порано да се имплементира овој проект толку би било подобро за сите нас особено имајќи предвид дека жртви на сообраќајни незгоди на годишно ниво во Македонија имаме со троцифрен број и тоа е страшно“,рече тој.

Според Тошковски, брзините што биле „уловени“ при тестирањето на камерите покажуваат дека се уриваат рекорди и оти тоа е резултат на немање систем со кој ќе се казнува.

„Претпоставувам дека нашите граѓани знаат дека камерите не можат да бидат употребени за да се процесира финално оние што ќе бидат казнети. Се надевам дека истите ќе бидат коректив на однесувањето на сите нас. Да не се лажеме дека тие се некои дојдени од Швајцарија и Австрија луѓе што тука ги прекршуваат сообраќајните правила. Ние ги кршиме и зошто го правиме тоа? Претпоставувам затоа што нема систем што ќе овозможи секој што ќе згреши да биде казнет. Е кога ќе знаеме дека секој што ќе згреши ќе биде казнет јас ви гарантирам дека десеткратно ќе се намалат тие бројки што се страшни“додава Тошковски.

Изминатиот период Тошковски велеше дека освен безбедноста, една од придобивките од „Сејф сити“ е и тоа што прекршителот ќе нема повеќе на кому да му се јави за да му биде скината казната затоа што, како што рече, од другата страна ќе биде компјутер.

Кога камерите ќе почнат да фотографираат, ќе нема кој да скине казна за сообраќаен прекршок, вели Тошковски

 

Back to top button
Close