Тошковски е вчудовиден што Обвинителството не побарало притвор за Васко Ковачевски
Прашан дали МВР го известило Обвинителството оти ексдиректорот на ЕСМ е недостапен за органите на прогонот, министерот Тошковски вели дека институцијата е информирана и усно и писмено, но оти, за жал, јавниот обвинител што го водел предметот во ОЈО ГОКК одлучил дека не треба да бара мерка притвор против ексдиректорот на ЕСМ
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека е вчудовиден што Јавното обвинителство не му одредило притвор, како најстрога мерка од Законот за кривична постапка, на поранешниот директор на „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), Васко Ковачевски, кој е осомничен во случајот „Адитив“.
Ковачевски во моментов е надвор од државата и не е достапен за органите на прогонот. За него Обвинителството предложи мерки на претпазливост – одземање на пасошот и повремено јавување во Судот.
Прашан дали МВР го известило Обвинителството оти ексдиректорот на ЕСМ е недостапен за органите на прогонот, министерот Тошковски вели дека институцијата е информирана и усно и писмено, но оти, за жал, јавниот обвинител што го водел предметот во ОЈО ГОКК одлучил дека не треба да бара мерка притвор.
„Навистина малку сум вчудовиден како за лице коешто е недостапно на органите на прогонот, а притоа е вклучено во криминал од отприлика првично шест и пол милијарди евра, Јавното обвинителство не побара притвор само за него, а за сите други кои се поранешни функционери побара и се моментално во притвор. Навистина не ми е јасно, особено имајќи предвид дека првично во јавноста се шпекулираше дека за таков тип на кривично дело не може да се побара најстрога мерка што како факт е неточно“изјави Тошковски одговарајќи на новинарски прашања.
Според министерот за внатрешни работи, Обвинителството морало за лице што е недостапно на органите на прогонот да побара определување мерка притвор.
„Судот нормално не можел да изрече таква мерка кога Обвинителството не ни барало од него“додава Тошковски.