Тошковски за „Мазут“: Се надевам дека обвинителството професионално ќе се посвети на сите детали во предметот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели оти се надева дека надлежното јавно обвинителство ќе собере храброст и професионално ќе се посвети на сите детали што се поврзани со случајот „Мазут“.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски / Фото: Архива
Ставот на Тошковски, што тој го сподели во одговор на новинарско прашање, доаѓа откако Вишото јавно обвинителство Скопје донесе одлука со која ја укина наредбата за запирање на истрагата за набавките на мазут за Термоенергетската централа (ТЕЦ) „Неготино“ и му наложи на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) да ја продолжи постапката.
Коментирајќи ја одлуката на Вишото јавно обвинителство, министерот за внатрешни работи рече оти не е важно дали тој е или не е задоволен од која било одлука на Јавното обвинителство, туку дали граѓаните на крајот ќе видат правда во оваа, како што ја нарече, сизифовска битка.
„Сѐ со цел на крајот на краиштата да ја видиме светлата точка во тунелот, а тоа е да ја видиме правдата што сите ја посакуваме“,
изјави Тошковски, кој денеска ги поздрави учениците примени во Средното полициско училиште „7 Мај“ по повод почетокот на нивното образование.
Во однос на конкрениот случај, тој рече оти не сака да навлегува во детали, но изјави дека информациите поврзани со предметот што се споделени со него ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат официјално соопштени од страна на истражните органи.
„Јас кажав и претходно дека во согласност со она коешто е со мене споделено како информација од страна на оние кои работеле интензивно на тој предмет – истражители кои се дел од Министерството за внатрешни работи, но упатени со работа во рамки на Јавното обвинителство за организиран криминал, а и дел од нив упатени на работа во рамки на Министерството за внатрешни работи во одделот за Организиран криминал – информациите коишто беа споделени со мене, а се поврзани со предметниот случај, навистина сигурен сум дека ќе ја фрапираат јавноста кога ќе бидат споделени со неа. Еве толку ќе кажам и ќе ве оставам истрагата да си го каже своето во јавност понатаму“,изјави Тошковски.
Инаку, министерот за внатрешни работи во мај, кратко откако ОЈО ГОКК соопшти дека ја запира истрагата за случајот „Мазут“, во интервју за „360 степени“ најави нов развој на настаните во врска со предметот, велејќи дека неговите сознанија се поинакви од оние што тогаш ги соопшти јавната обвинителка Катерина Коларевиќ на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“.
„Затоа што знам некои докази коишто вие не ги знаете. И не може да ги знаете. А јас ги знам заради тоа што морам да ги знам. И ќе бидете шокирани и Вие и целокупната македонска јавност кога ќе дојде време да бидете шокирани. Ама позитивно. И тврдам дека ќе дојде тој ден. Заради тоа што за вакви дејствија ако ние оставиме така да се затворат, тогаш јас не треба да го работам ова што го работам во моментов. Ниту па било кој од тие коишто работат во рамки на Министерството за внатрешни работи и особено во Јавното обвинителство, треба да се таму каде што се“,изјави Тошковски во интервјуто за „360 степени“ емитувано на 25 мај.
Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција треба да ја продолжи истрагата за предметот „Мазут“ – за набавките на енергенсот за потребите на ТЕЦ „Неготино“ за време на енергетската криза во периодот од 2021 до 2023 година, откако Вишото јавно обвинителство Скопје одлучи да ја укине наредбата на ОЈО ГОКК за запирање на постапката во мај годинава тврдејќи дека нема докази за сторено кривично дело. Држвната компанија АД ЕСМ поднесе приговор на одлуката на ОЈО ГОКК, која Вишото јавно обвинителство ја уважи и наложи истрагата да продолжи.
Имено, Вишото јавно обвинителство Скопје го задолжило ОЈО ГОКК да прибере и анализира дополнителни податоци од повеќе институции, како и да нареди нови вештачења за целосно утврдување на сите околности во предметот и на евентуална кривична одговорност.
„Констатирајќи, пред сè, слабости во изготвените вештачења на кои јавниот обвинител од ОЈО ГОКК ја темелел својата одлука да ја запре истрагата, Вишото јавно обвинителство Скопје побара да продолжи постапката во насока на утврдување на сите поединечни дејствија на осомничените, особено дали и кој презел директни дејствија или дејствија на помагање со кои правното лице ЕСМ, преку злоупотреба на наменски доделени средства од државниот буџет, а под превез на користење на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки, овозможиле имотна корист од големи размери за еден од осомничените и неговото правно лице“,
се наведува во соопштението на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во кое оттаму информираа за одлуката на ВЈО Скопје.
Во случајот, кој во јавноста е познат како „Мазут“, се осомничени 13 лица, меѓу кои бизнисмените Ратко Капушевски, Асмир Јахоски и Ерџан Сулкоски, ексдиректорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, и други. Тие се товарт за злоупотреба на службената положба и перење пари. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) водеше истрага за предметот повеќе од една година.
Кога ОЈО ГОКК одлучи да ја прекине истрагата, во мај 2026 година, обвинителката што го водеше случајот, Катерина Коларевиќ, истиот ден на брифинг со новинарите, а потоа и во интервју за „360 степени“, кажа дека доказите прибрани во истрагата не оделе во прилог на поднесување обвинение кое би опстојало на суд.






