Трамп ќе биде осуден пред неговата инаугурација, во случајот мито за молчење
Судијата од Њујорк, кој претседава во случајот против избраниот претседател Доналд Трамп за давање поткуп заради молчење, ќе ја изрече казната за Трамп десет дена пред неговата инаугурацијата.
Судијата притоа наведе дека не е склон кон тоа да одреди затворска казна.
Судијата Хуан Мерчан изјави дека Трамп, прв поранешен претседател кој бил осуден за кривично дело, може да се појави лично или виртуелно на изрекувањето на казната, закажано за 10 јануари.
Во одлука од 18 страници, Мерчан ги отфрли различните барања на адвокатите на Трамп за поништување на неговата пресуда.
Судијата истакна дека наместо затворска казна склон е да одреди „безусловно ослободување“ (што значи дека осудата останува, но обвинетиот е ослободен без затвор, парична казна или условно), што е многу поблага казна и ќе овозможи Трамп да влезе во Белата куќа, но како осуден криминалец.
-Во овој момент изгледа соодветно да се изрази ставот дека судот нема намера да одреди затворска казна, изјави судијата. Нагласи дека и обвинителите не сметаат дека затворот е соодветна казна.
Лани во мај на судење во Њујорк Трамп беше прогласен за виновен по 34 точки и тоа за фалсификување деловни документи со цел да прикрие исплата на пари на Сторми Даниелс, актерка во филмови за возрасно, што се случувало пред изборите во 2016 година, за да се спречи таа да открие дека во 2006 година имала сексуална врска со Трамп.
Адвокатите на Трамп се обидоа да го прекинат случајот врз основа на разни аргументи, вклучувајќи го и познатото решение на Врховниот суд од минатата година, според кое поранешните претседатели на САД имаат опширен имунитет од кривично гонење за одредени официјални дејствија сторени за време на мандатот.