Трамп најави откажување од нафтениот договор со Венецуела

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера најави дека ќе ги откаже отстапките кон Венецуела што пред две години ги даде неговиот претходник Џо Бајден.

 

Трамп во објава на социјалната мрежа Truth Social, рече дека „ги поништува отстапките“ од „Договорот за нафтени трансакции, од 26 ноември 2022 година“. На тој ден администрацијата на Бајден и издаде лиценца на компанијата „Шеврон“ да го прошири своето производство во Венецуела и да увезува сурова нафта во САД.

Тоа беше единствената лиценца што администрацијата на Бајден и ја даде на Венецуела. Трамп не ја спомна „Шеврон“ во својата објава.

Објавата на Трамп уследи по таа од почетокот на февруари во која наведе дека Венецуела го прифатила враќањето на сите илегални мигранти од САД и дека ќе обезбеди нивно враќање назад.

Во најновото соопштение, Трамп рече дека Мадуро не ги префрла Венецуелците од САД според динамиката што беше договорена.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро и неговата влада отсекогаш ги отфрлаа американските и другите санкции, велејќи дека тие се незаконски мерки што претставуваат „економска војна“, чија цел е уништување на Венецуела.

 

Back to top button
Close