Трамп со Стуб разговарал за купување бродови мразокршачи
– Финскиот претседател Александар Стуб синоќа се сретна со американскиот претседател Доналд Трамп на неговиот имот во државата Флорида, каде што двајцата лидери разговараа за зајакнување на билатералното партнерство на нивните земји и одиграа партија голф.
Финска е водечки светски производител на мразокршачи – околу 80 отсто од овие бродови биле дизајнирани од фински компании, а околу 60 отсто од нив биле изградени во фински бродоградилишта.
„Претседателот Стуб и јас се радуваме поради јакнењето на партнерството меѓу САД и Финска, а тоа вклучува купување и развојот на голем број на многу потребни мразокршачи за САД, што ќе донесе мир и меѓународна безбедност за нашите земји и за светот“, објави Трамп на својата социјална мрежа „Трут Соушл“.
Двајцата се сретнале на појадок, по што играле голф и заедно ручале.
Тие разговарале и за прашањата за надворешни работи, вклучително и за Украина.
Кабинетот на финскиот претседател соопшти дека ненајавената посета на Стуб на имотот на Трамп Мар-а-Лаго во Вест Палм Бич, Флорида, била неформална.