Требење вошки

Баш ме интересира што ли зборуваат претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во американската амбасада кога никој не ги гледа? И таму ли им викаат дека Преспанскиот договор е против македонските национални интереси? И таму ли зборуваат за Северџани, за Нордистани, за Тирански платформи, фрлаат клетви за предавници, ќе го уриваат Преспанскиот договор преку Уставен суд, ќе го ставаат в затвор Никола Димитров, цртаат шеми да покажат дека договорот бил асиметричен, дека кога ќе дојдат на власт ќе го ревидираат и ќе го вратат вековното име… Башка, што туку се повикуваат на волјата на граѓаните. Ја видовме волјата само на тие што излегоа на референдумот. Христијан Мицкоски немаше храброст да повика на бојкот, туку се криеше зад анонимни твитер профили. Не знаат ни колку сме на број, оти не дозволија ни попис да се спроведе. Од друга страна, пак, што понуди Мицкоски за четири години освен плачење, блокирање на Собранието, блокирање на раскрсници, навреди за „северџани“ и прес-конференции за „мафијата на власт“? Додуша, имаше и еден сериозен напад на Собранието и неколку протести да се ослободат напаѓачите. Од нормална европска партија што се продава како конзервативна десница очекуваш да ти го окупира вниманието со даночна политика, со дебати за безбедност и за одбрана, а не да ти вее знамиња со сонцето од Кутлеш. Сакам опозицијата да ми понуди решенија, а не блокади. Мицкоски цело време вика: „Не сакам, не сакам…“, а кога ќе го прашаш „Кажи што сакаш“, ти одговара: „Тебе ли да ти кажувам, северџану еден“. Утре, ако Заев реши да се повлече од политиката, Мицкоски нема да има што да зборува, оти не видовме дека има што да понуди. Да сакаше тој да стане вистински лидер на ВМРО-ДПМНЕ, за четири години ќе станеше. Да не можеш да си ја реставрираш партијата за четири години, значи дека тоа воопшто не ти е важно. Важно ти е да ти се врати лидерот од Будимпешта што ти избега и те остави збунет да блокираш улици на дождот. Башка, вистински лидер не се крие зад волјата на граѓаните. Вистински лидер им кажува на граѓаните што би било подобро за нив. Гледа подалеку од границите на изборните единици. На крајот на краиштата, сосема е легитимно како политичка партија да ставиш во програмата дека ќе го ревидираш Договорот од Преспа и ќе го вратиш старото уставно име Република Македонија. А не да се криеш зад празни флоскули дека „ја почитуваш волјата на граѓаните“. Како да не. Ја почитуваат волјата на оној од Будимпешта. 3Затоа, просто ми е неверојатно како СДСМ успеа да стравува дека ќе ги изгуби изборите. Колку треба да си неталентиран за владеење за да дојдеш до дереџе ова ВМРО-ДПМНЕ да те победи? Со ништо. Со викање „Уа“.

целата колумна на горан михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close