Турција го блокираше пристапот до веб-страниците на Гласот на Америка и Дојче веле на турски јазик

Турското регулаторно тело за електронски медиуми денеска го забрани пристапот до веб-страниците на американскиот државен медиум Гласот на Америка (ВоА) и германскиот државен медиум Дојче веле (ДВ) на турски јазик.

Регулаторната агенција на тој начин ја спроведе вчерашната пресуда на судот во Анкара за ограничување на пристапот до веб-страниците на двата медиума.

„Медиумите со лиценца за работа во Турција мора да ја избришат онлајн содржината што Врховниот совет за радио и телевизија (РТУК) ги смета за несоодветни. Ова е едноставно неприфатливо за независен радиодифузер. ДВ ќе преземе правни мерки против актуелната блокада”, рече генералниот директор на ДВ, Петер Лимбург.

Членот на РТУК од опозициската Републиканска народна партија, Илхан Ташчи, изјави дека се противи на одлуката за блокада. „Ете ја слободата на медиумите и напредната демократија”, објави Ташчи на Твитер.

Синдикатот на турските новинари одлуката на РТУК ја нарече цензура и посочи дека Советот треба да престане да „забранува се што не му се допаѓа”.

Меѓународната организација Репортери без граници ја рангира Турција на 149-то место од 180 во нејзиниот светски индекс за слобода на медиумите. Организацијата наведува дека во Турција „се користат сите можни средства за да се попречат критиките”, вклучително и одземање на новинарски пропусници, цензура на интернет, тужби и апсења.

Back to top button
Close