ТУЖИ МЕ!

А, кога ќе ми текне дека лани ова време скопските таксисти се жалеа оти ако Данела го оствари ветувањето за бесплатен и ефикасен јавен превоз, тие ќе останат без работа, зашто никој нема да им се вози во колите. Многу сериозно ја сфатија Данела  кога во октомври 2021 викаше дека „Набавката на 250 еко автобуси ќе се реализира уште во првите 82 дена. За овие решенија не се потребни месеци, ниту години, туку се решаваат веднаш“. Чиниш спремни се автобусите во некоја фабрика, спакувани чекаат само таа да стапи на функција и нејзиниот патрон Христијан Мицкоски да стане премиер по предвремени избори и – тргнаа автобусите за Скопје.

А нивниот другар Ленин, како типичен македонски бизнисмен прикачен за политичар што може да му донесе заработка од јавните пари, велеше дека Скопје добил „жена-титан која ќе ви покаже колку и што може да направи за Скопје, без оглед колку злобно и неправедно беше напаѓана од клети луѓе и изроди“. На 2 ноември 2021, веднаш откако Данела победи на локалните избори, тој јавно се понуди: „секогаш ќе бидам тука да помогнам про боно и да направам сѐ што знам и умеам за мојот роден град Скопје“.

Е па, сега зошто ѝ се лути на Данела што не му плаќа? Таа буквално го сфатила дека ќе ѝ работи про боно. И тој ли стана „клет и злобен“, па кога сфати дека нема фајде од неа, „титан-жената“ стана „уличарка“.

А најзабавната улога во градскиот циркус ја игра ВМРО-ДПМНЕ. Упорни се сами себе да си се убедат дека Данела е кандидат на СДСМ. Не само што затвораат очи пред реалноста, туку и црн превез си ставиле да не гледаат. Сепак, и покрај сета патологија и кусо паметење во ова општество, не можат баш сите да нѐ убедат дека Данела на власт не ја донесоа баш вмровците кои по команда ја гласаа. Не сме сите до толку излапени. Па скоро беше март, кога Мицкоски заедно со најдобрата менаџерка на светот купуваше автобуси за Скопје, а таа го фалеше дека „претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски проактивно делува за подобрување на состојбите во Скопје“.

И Данела, исто како партијата што ја направи градоначалничка, живее во негирање на реалноста. При автентични фотографии и видеоснимки од гужвите на автобуските постојки и во автобусите, таа најладно нè убедува дека градскиот сообраќај е нормален, ама медиумите шират шпекулации, затоа што сите ја мразат и ѝ се закануваат. Тоа што има гужви е затоа што на луѓето им е ќеф да се дружат. По речиси три години ковид, сакаат да се зближат, да си помуабетат, да направат нови познананства… Во нејзините очи веројатно Скопје веќе има бесплатен и брз превоз. И автобусите се тука и се бесплатни, оти таа нема намера да плаќа без тужба. А и брзи се. Затоа не можеме да ги видиме.

Целата колумна на Горан Михајловски на  СДК.МК

Back to top button
Close