Њујорк тајмс: Договорот за експлоатација на природните ресурси не вклучува американски безбедносни гаранции за Украина
Договорот за експлоатација на природни ресурси меѓу Украина и САД не вклучува американски безбедносни гаранции за Киев, се дознава од новата верзија на договорот, во која имал увид Њујорк тајмс.
Весникот добил копија од договорот и соговорници запознати со текот на преговорите потврдиле дека токму таа е верзијата што страните се подготвуваат да ја потпишат, иако некои услови би можеле да бидат изменети.
-Ова е економски договор со Украина, во кој нема да има гаранции за идната помош во војната. Тој нема да вклучува никакви обврски за распоредување на американски контингент во регионот, изјавил за весникот претставник на Белата куќа.
Според соговорник на Си-Ен-Ен во Киев, украинските власти одлучиле да го одложат за разгледувањето на „проблематичните технички детали“, вклучително и прашањето за безбедносните гаранции за Украина, бидејќи американската страна „остро се спротивставува“ на тоа. Во Киев се надеваат дека оваа тема ќе биде покрената на претстојната средба меѓу претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски. – Од наша страна сè е подготвено, изјави украински извор за Си-Ен-Ен, нагласувајќи дека Украина „направи сè што е можно за условите да бидат прифатливи“.
Во првичната верзија на договорот, Киев требаше да му отстапи на Вашингтон половина од приходите од своите природни ресурси, вклучително и од продажбата на ретки метали, нафта и гас. Се разговарало и за приходите од работењето на пристаништата и другата инфраструктура. Средствата требаше да бидат насочени во посебен фонд, во кој САД ќе имаа 100 отсто сопственост. Белата куќа ги нарече овие услови „компензација“ за претходно доделената финансиска и воена помош на Киев, која Трамп ја проценува на 500 милијарди долари, иако реалнатa сума е значително помала и изнесува околу 175 милијарди долари, помош доделена од почетокот на војната.