Њујорк тајмс: Обвинет за терористичките напади на 11 септември прогласен за неподобен за судење

Воен суд во Гвантанамо пресуди дека е психички неподобен за судење Рамзи бин аш-Шибх, обвинет по делото за терористичките напади на 11 септември 2001 година, со што се попречува судскиот процес за изрекување на пресуда смртна казна, јави Њујорк тајмс.

Според весникот, аш-Шибх е дијагностициран со халуцинаторно пострауматско стресно растројство, како и психоза. Комисијата заклучила дека поради психички нарушувања обвинетиот не е во состојба да се брани и да соработува со адвокатите. Според адвокатите, псхихолошката состојба на нивниот клиент е пореметена како резултат на мачењата вршени од Централната разузнавачка агенција (ЦИА), соопштува весникот.

Според весникот, со признавањето дека е психички неподобен, судот фактички го запрел неговиот кривичен прогон сѐ до подобрување на состојбата на неговото психичко здравје.

Аш Шибх е од Јемен, и се смета за еден од главните координатори на терористичките напади на 11 септември 2001 година во САД. Во пресрет на нападите, во Хамбург, Германија тoj организирал ќелија на киднапери чиј лидер бил предводник на грабнатиот лет бр. 11 што удри во една од кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.

Тогаш, 19 терористи од групата Ал-Каида киднапираа во САД четири патнички авиони. Два од нив беа пренасочени кон Њујорк, третиот на зградата на Пентагон во Вашингтон. Четвртиот авион исто така летал во правец на американската престолнина но по бунт на патниците се урна недалеку од градот Шанксвил, Пенсилванија. Во терористичкиот напад загинаа 2,977 луѓе.

Back to top button
Close