УЈП: Викендот без ДДВ успешен, зголемен прометот на македонски производи, скенирани повеќе сметки

Управата за јавни приходи го заокружи првиот Викенд без ДДВ преку кој граѓаните можеа да остварат враќање на целосниот износ на ДДВ за купените македонски производи и услуги и компјутерска опрема.

-Во деновите 10, 11 и 12 октомври 2020 година, вкупно 204 088 граѓани купиле  македонски производи и услуги како и компјутерска опрема и издадените фискални сметки ги скенирале преку апликацијата МојДДВ. Во Викендот без ДДВ остварен е промет од 558.176.715 денари со што граѓаните ќе остварат враќање на  ДДВ во износ од  66.853.929  денари, соопшти Управата за јавни приходи.

Од УЈП наведуваат дека парите ќе им ги исплати на граѓаните  на нивните трансакциски сметки во рок од 15 дена од последниот ден на скенирање на фискалните сметки.

-Од анализите и споредбите што ги направи Управата за јавни приходи потрошувачката на македонски производи во овој Викенд без ДДВ во споредба со потрошувачката на истите производи во претходните викенди во истиот месец е за 2,2 пати зголемена, истакнуваат од УЈП.

Според податоците скенирани се трипати повеќе фискални сметки и остварен е и 9,5 пати поголем промет од македонски прозиводи овој викенд во однос на истиот од минатата година.

-Првата мерка од четвртиот сет антикризни мерки што ги донесе Владата на Република Северна Македонија стартуваше токму со мерката ,,Викенд без ДДВ“  кој  целосно  ја спроведе Управата за јавни приходи. Резултатите од оваа мерка се повеќе од успешни бидејќи значат повеќе пари назад кај граѓаните, зајакнување на домашниот буџет и истовремено зголемена  потрошувачка на македонски производи и услуги. Поттикнување на промет кај македонските компании е поддршка во услови на криза, која влијае и на подобрување на ликвидноста на компаниите, оценуваат од Управата за јавни приходи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close