Уaпсен бизнисменот Ратко Капушевски: Поранешниот директор на „Борис Трајковски“ е приведен за сомнителни набавки на деривати

Поранешниот директор на Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и бизнисмен, Ратко Капушевски попладнево беше уапсен во неговиот дом.

Полицијата, преку Одделот за сузбивање организиран криминал и корупција, а во координација со ОЈО за ГОКК, по наредба на судија на претходна постапка, врши претреси на различни локации во Скопје и низ државата.

„Одделот за сузбивање на организиран криминал и корупција при БЈБ, МВР во координација со ОЈО за ГОКК по Наредба на судија на претходна постапка врши претреси на локации во Скопје и низ државата во врска со сторени кривични дела поврзани со сомнителни набавки на деривати, штета од големи размери за буџетот на државата и штета врз здравјето на луѓето“, накратко ни одговорија од МВР.

Овие дејствија се во рамки на истрагата за сомнителни набавки на деривати и сериозна штета на државниот буџет, како и на здравјето на граѓаните. Засега, не се објавени дополнителни детали и не е познато кои конкретни кривични дела му се припишуваат на Капушевски.

Од Основното јавно обвинителство ГОКК исто така ја потврдија акцијата, но подетални информации ќе споделат во текот на утрешниот ден.

– Доцна попладнево под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК, БЈБ и МВР извршуваат претреси на повеќе локации низ државава.. Претресите се со Наредба на судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје, а во врска со сторени кривични дела поврзани со набавка на деривати – велат од ОЈО ГОКК.

Според првичните информации се работи за огромна сума од околу 10 милијарди денари испумпани преку фиктивни договори за позајмици и посреднички услуги за испорака на сомнителни горива.

Ратко Капушевски во 2014 година ја напушти државната служба и започна работа како проект-менаџер во канцеларијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Потоа, се посвети на енергетскиот сектор и неговата компанија, РКМ, која во последните години добиваше јавни набавки во вредност од стотици милиони евра. Неговото име беше поврзувано со контроверзни тендери за набавка на нафта и нафтени деривати за државни институции.

Back to top button
Close