Украина ја отфрли понудата на Трамп да ги преземе правата врз половина од нејзините резерви на минерали
И покрај силниот притисок од Вашингтон, украинскиот претседател Володимир Зеленски одби да потпише нацрт-договор со кој половина од украинските ретки минерали минерали би се предале на американски компании во замена за воена помош, тврдат две лица запознаени со преговорите, објави Фајненшал тајмс.
„Договорот се уште не е потпишан. Страните се уште разговараат за деталите“, изјави украински функционер кој побара да остане анонимен поради чувствителноста на разговорите.
„Правници се уште работат на тоа. Во својот предлог, Американците опишаа многу сложен механизам со кој сакаат да добијат 50 отсто од украинските минерали“. Тој додаде дека планот може да пропадне бидејќи може да биде во конфликт со украинското законодавство.
Киев веќе извесно време се обидува да го заинтересира американскиот претседател, познат по својот прагматичен пристап, да го гледа рудното богатство на Украина како солидна причина за континуирана поддршка во борбата против руската агресија. Блиски соработници на Доналд Трамп сугерираат дека договорот за минерали може да послужи како еден вид „економски штит“ што ќе и покаже на Москва дека САД имаат конкретни интереси во Украина.
Претходно оваа недела, Трамп рече дека Украина треба да обезбеди 500 милијарди долари од своите минерални ресурси за да ја компензира американската воена и цивилна помош од почетокот на војната. И покрај се, преговорите се уште траат, а договор се уште не е постигнат.
„Украинската страна го испрати својот предлог до американската страна, па сега тие чекаат повратни информации. Додека Американците ги анализираат украинските предлози, ние ги разгледуваме нивните“, објасни функционерот. Лице запознаено со преговорите за Политико изјави: „Американците не се задоволни од предлозите што ги добија од Украина“.
Дополнителен проблем со американскиот нацрт, како што се тврди, лежи во тоа што тој не вклучува конкретни безбедносни гаранции за Украина. Единствената можна безбедносна компонента би била распоредување на американски војници за заштита на рударските локации, но само во случај на договор за прекин на војната со Русија.