Украина бара опрема за заштита од нуклеарна закана

Европската унија и испраќа на Украина опрема специјализирана за ризици по јавното здравје, како што се хемиски, биолошки, радиолошки и нуклеарни закани, објави Европската комисија.

Од Комисијата велат дека оваа помош вклучува 300.000 специјализирани заштитни одела, 5.600 литри средства за деконтаминација и 850 парчиња опрема за операции за деконтаминација, а испораката доаѓа по конкретно барање на украинската влада.

„Медицинска опрема и опрема прилагодена на хемиски, биолошки или нуклеарни итни случаи се на пат кон Украина. Болниците и медицинските работници во Украина работат под оган и ние мора да направиме се што е во наша моќ за да им ги обезбедиме потребните инструменти за спасување животи“, изјави еврокомесарот Јанез Ленарчиќ.

Од Брисел наведуваат дека вкупната вредност на оваа донација е повеќе од 11 милиони евра, а помошта за Украина ќе биде доставена од залихите за итни случаи на ЕУ, кои се складирани во Романија, Унгарија, Шведска, Германија, Грција и Данска.

Back to top button
Close