Уметнички дела од руски музеи конфискувани во Финска

Финската царинска служба соопшти дека три пратки запленети на границата со Русија содржат уметнички дела од неколку руски музеи, кои биле позајмени за изложби во Западна Европа.

Според руските медиуми, овие уметнички дела биле на пат кон Русија бидејќи биле позајмени за изложби во неколку музеи во Италија, вклучувајќи ги и Palazzo Reale во Милано и музејот Galerie d’Italia.

Вкупната вредност на осигурувањето за делата е 42 милиони евра.

Запленувањето на граничниот премин Валима во југоисточна Финска на 2 и 3 април следеше откако пратките потпаднаа под санкциите на Европската унија воведени против Русија поради инвазијата врз Украина, соопшти финската царина.

Финското Министерство за надворешни работи соопшти дека руските уметнички дела, вклучувајќи вредни слики и статуи, се класифицирани како луксузни предмети кои се под санкции на ЕУ против Русија и оти Царината немала друга опција освен привремено да ги заплени.

Портпаролот на Министерството за надворешни работи Тему Сепонен изјави дека руските музеи ќе продолжат да имаат законска сопственост и дека уметничките дела кои се „привремено преземени” се чуваат на безбедно место во Финска.

Back to top button
Close