Јунајтед може да се раздели со Рашфорд уште во јануари
Манчестер Јунајтед може да се раздели со напаѓачот Маркус Рашфорд во текот на зимскиот преоден рок, информира печатот во Англија и Германија. Напаѓачот (27) е неконстантен во своите перформанси втора последователна сезона, но е еден од најплатените играчи во тимот, во позадина на мерките за намалување на трошоците што ги спроведува новиот сопственик, Сер Џим Ретклиф.
Формата на Рашфорд со „црвените ѓаволи“ се подобри откако Рубен Аморим ја презеде менаџерската функција минатиот месец и тој постигна три гола, но според весникот „Телеграф“, горните ешалони на „Олд Трафорд“ и понатаму се загрижени за животот на играчот надвор од теренот и дека тој не се фокусира доволно на подобрување на своите перформанси.
Рашфорд имаше многу силна сезона во 2022 и 2023 година кога постигна 30 гола и набргу потоа потпиша нов петгодишен договор. По неа, сепак, Англичанецот не личи на себе, бидејќи за речиси година и пол постигна само 12 гола во Премиер лигата.
Вкупно за клубот, тој има 138 гола од 2016 година, кога дебитираше под Луис ван Гал за сениорскиот тим.