Унгарските државни медиуми по Орбан: Што со системот и неговите новинари?

Balkan Insight

Тие почнаа да аплаудираат.

Новоизбраниот премиер на Унгарија, Питер Маѓар, штотуку ги даде своите први интервјуа за државните медиуми (и за радио и за телевизија), три дена по убедливата победа на неговата партија на парламентарните избори на 12 април.

Додека Маѓар ја напушташе зградата на студиото, вработените во холот почнаа да аплаудираат. Како одговор, тој кратко им порача дека државните медиуми ќе бидат водени на начин каков што заслужува унгарскиот народ по што си замина.

Некои моменти во историјата совршено ја доловуваат суштината на една состојба, ова беше еден од нив. Иако дел од аплаузот можеби бил спонтан излив на олеснување, со оглед на тоа што се случуваше со јавниот сервис во текот на 16-те години власт на партијата на Орбан, ФИДЕС, сепак, оваа сцена откри колку е погрешно поставен системот.

Кога ја почнав својата кариера во средината на 1990-тите во унгарскиот сервис на Би-би-си, јасно ми беше ставено до знаење дека новинарите не смеат да навиваат за ниту еден политичар. Тоа едноставно не се прави. Ако го правите, тогаш не сте новинар.

Затоа, жал ми е, но оние луѓе што продолжија да работат во државните медиуми во изминатата една и пол деценија, со тврдењето дека имаат семејства за издржување и дека само ги следеле наредбите, не се новинари.

А, сепак, новинари што аплаудираат на политичар се далеку од најголемиот проблем на унгарските државни медиуми.

Мрачни денови

Фотографија од Виктор Орбан. Извор: Веб страница на унгарската влада (https://kormany.hu/)

Владата на Орбан го претвори јавниот сервис во пропагандна машинерија | Извор: Веб страница на унгарската влада

Јавниот сервис во Унгарија отсекогаш имал свои проблеми. Секоја влада се обидувала да воспостави контрола врз него, со различен успех. Обично успевале, посебно откако претплатата беше укината, а во 2002 година, за време на левоориентираната, либерална влада, беше воведено директното буџетско финансирање, нешто што и новата популистичка десничарска коалиција во Чешка се обидува да го преслика како модел.

Уште од самите почетоци на режимот на Виктор Орбан беше јасно дека владата сака да го претвори јавниот сервис во пропагандна машинерија. Поради тоа повеќе го нарекувам државен, отколку јавен сервис, бидејќи очигледно беше ставен во служба исклучиво на интересите на државата и на владата на Орбан.

Оваа трансформација ја искусив од прва рака, бидејќи од 2009 година бев главен уредник на вести и на информативната програма на Радио Кошут (унгарска јавна радиостаница во рамки на јавниот сервис).

Тоа беше преоден период во унгарската политика. Либералната левичарска влада, предводена од Ференц Ѓурчањи, се распадна, а министерот за економија, Гордон Бајнаи ја презеде функцијата привремен премиер една година, сè до парламентарните избори во 2010 година, на кои убедливо победи партијата на Орбан, ФИДЕС.

Морав да ја напуштам работата на почетокот на 2011 година, кога сфатив дека повеќе не можам да ги бранам своите професионални вредности. Единственото нешто околу кое се согласувавме јас и новото раководство, веројатно, беше тоа дека не се вклопував во нивниот систем.

Потоа, во 2012 година, само неколку дена пред Божик, повеќе од 200 луѓе, меѓу кои и мојата сопруга, беа отпуштени од Радио Кошут како дел од неговата трансформација во пропаганден медиум. Тогаш имавме две мали деца, едното имаше девет, а другото шест години. Имавме среќа и доволно решителност да најдеме други можности во професијата што ја сакавме.

Но, сите немаа таква можност. Познавам луѓе што мораа да го напуштат секторот и да станат таксисти, управители со имот или агенти за недвижности. Не се сеќавам дека некој од моите поранешни колеги поднел оставка поради тоа.

Затоа, простете ми што немам многу разбирање кога гледам објави на социјалните мрежи од луѓе што помогнаа да се уништи унгарскиот јавен сервис, а сега зборуваат колку тешки им биле овие години за нив лично и како немале избор бидејќи морало да се грижат за децата и за семејствата.

Суштината е едноставна: тие останаа и ѝ служеа на државната пропагандна машинерија, прекршувајќи ги сите правила на новинарската професија.

Целиот коментар на Призма мк

Back to top button
Close