UNICEF: Израелските сили во Газа ги убија нашите возачи за достава на вода

Детскиот фонд на Обединетите нации (UNICEF) изрази згрозеност откако, според нивните наводи, израелските сили во Газа убиле двајца возачи ангажирани за испорака на чиста вода. Во нападот биле повредени уште две лица, а агенцијата на ОН побара итна истрага и целосна одговорност за инцидентот.
Во соопштението на UNICEF се наведува дека нападот се случил во петокот наутро за време на рутински транспорт на вода до пумпната станица Мансура во северниот дел на Газа, која го снабдува градот Газа. По нападот, организацијата ги прекинала активностите на таа локација.
„Хуманитарните работници, давателите на основни услуги и цивилната инфраструктура, вклучително и клучните водоснабдителни објекти, никогаш не смеат да бидат цел“, порача UNICEF, повикувајќи се на меѓународното хуманитарно право.
Според палестинските здравствени власти, повеќе од 750 Палестинци биле убиени откако во октомври минатата година стапи во сила прекинот на огнот во Газа, договорен со посредство на САД и Катар. Од почетокот на војната на 7 октомври 2023 година, во Газа загинале повеќе од 72.000 луѓе.
Во меѓувреме, на окупираниот Западен Брег, израелските сили убиле Палестинец во местото Хирбет Салама, објави палестинската новинска агенција WAFA. Станува збор за 25-годишниот Мухамад Ахмад Суваити, кој бил прогласен за мртов на местото на настанот.
Израелската армија соопшти дека во населбата Негохот било ликвидирано лице вооружено со нож, наведувајќи дека станува збор за „терорист кој се инфилтрирал во заедницата“.
Извор: skopje1.mk






