Уставни измени во менгемето на геополитиката и математиката

Катерина Блажевска

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека понудиле победничка опција – и Македонија во ЕУ и зачуван идентитет, но за да се реализира тоа потребни се избори: тие понудиле три можни датуми за наесен.

Дали Северна Македонија е поблиску или подалеку до уставни измени по вчерашната средба (7.06) Ковачевски – Мицкоски? Иако средбата помина со „размена на предлози“, но без конкретен исход, аналитичарите сметаат дека е видливо поместување во позициите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и дека може да биде сигнал оти дијалогот ќе продолжи. Во моментов темата се третира низ призмата на геополитиката, но и низ партиските математики.

Според поранешниот амбасадор Виктор Габер, по ова прашање нештата треба да се гледаат најмногу во регионален контекст, особено по руската инвазија во Украина.

Виктор Габер, поранешен амбасадор
Виктор Габер: Притисокот не е само врз нас, туку во целиот регион Фотографија: privat

„Притисокот не е само врз нас, туку во целиот регион. И ова што произлезе од лидерската средба, е резултат од тој притисок за сето она што се случува во соседството. Еве гледаме дека и во Бугарија веќе има поместување, а и во Србија има знаци дека земјата мора да го избере проевропскиот пат. Оттука, и вчерашната лидерска средба наликува на дијалог во тој контекст – дека уставните измени мора да се случат под одредени услови. Она што следува сигурно ќе биде договарање на деталите, финесите и ‘ценкање’ околу тоа – кога и како би дошло до уставни измени“, оценува амбасадорот.

Според Габер, тоа договарање на деталите нема да биде јавно, но ќе помогне да се реализира целта заради која и постои притисокот – геостратешката определба на регионот.

„И во ВМРО-ДПМНЕ сигурно има дискусии како да се прилагоди на оваа геополитичка позадина“, смета Габер.

Гир: Тој е договорот

Во рамките на вчерашните разговори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ меѓу другото се заложи и за одложена примена на евентуалните уставни измени – тие да важат од денот кога ќе почне ратификацијата на пристапниот Протокол на Македонија во парламентите на 27 земји членки на ЕУ. Но, изгледа дека не ќе може да се смета на изменети услови или компромиси, различни од оние што земјата ги прифатила.

„Тој е договорот. Не постои друг“, рече амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, одговарајќи на прашањето дали ЕУ може да постигне компромис во врска со барањата на ВМРО-ДПМНЕ.

„Целиот договор беше компромис со цел да мрдне работата. Многу сме внесени во случајов. Сакаме државата да стане членка на ЕУ. Мислиме дека земјата ќе дава добар придонес во Унијата и ќе биде попросперитетна, побезбедна и посигурна, а истото важи и за ЕУ. Сега следува тешкиот дел – реформите и преземањето на неопходните чекори за да не постои нестабилност кога ќе се приклучите, и за да имате придобивки од членството“, порача амбасадорот на ЕУ во интервју на ТВ 21.

Според него, нормално е за промена на Уставот да се бара поголемо мнозинство од тоа на владејачката коалиција и сите политичари имаат одговорност да ја донесат најдобрата можна одлука за државата. Во однос на јазикот и идентитетските прашања, нагласи дека „ниедна држава не го губи својот идентитет кога станува чланка на ЕУ“.

„Од 27-те членки знаеме дека нивните идентитети се зајакнуваат со тоа што станале членки на ЕУ. Нашето мото е – обединети во различностите“, порача Гир.

Дејвид Гир ЕУ Северна Македонија
Дејвид Гир: Тој е договорот, не постои другФотографија: Arbnora Memeti

Амбасадорот потенцираше дека во вакви ситуации е многу важно да има јавна дебата во целата држава и сите да учествуваат во неа, особено кога речиси сите партии се согласуваат дека е задолжително земјата да стане членка на ЕУ и да се спроведат реформи.

„Државата ќе го постигне тоа само ако партиите, и покрај тоа што имаат различни политички ставови, се согласат во врска со клучните европски реформи, без разлика која и партија да е на власт по изборите. Тоа сме го виделе во Хрватска и во многу други членки. Само преку заедништво, заемно разбирање и сплотеност во поглед на клучната политичка агенда може брзо да се стигне до ЕУ“, порача Гир.

Меѓу дијалог и избори

По вчерашната средба Ковачевски – Мицкоски главниот наратив на владејачката СДСМ е „дека е добро што ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени“. Овој став на Ковачевски беше повторен и од други функционери на теренските активности „Рамо до рамо“ со граѓаните. Генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ, рече дека СДСМ вчера уште еднаш потврдила дека интересот на земјата ѝ е на прво место.

„Добро е што се направи чекор во однос на дијалог со опозицијата и тоа што гледаме дека има промени во нивниот став – не се против уставните измени, само споменуваат некакви услови“, рече Зечевиќ.

Тој порача дека „дијалогот треба да продолжи и на крајот сите заедно да изградат заеднички став, за земјата да го продолжи патот кон полноправно членство во ЕУ“.

Од ВМРО-ДПМНЕ чекаат одговор на нивната понуда, и повторуваат дека понудиле победничка опција: и Македонија во ЕУ, и зачуван идентитет. Во денешното соопштение партијата ги повтори нејзините позиции: три можни датуми за избори наесен, по кои ВМРО-ДПМНЕ е поготвена да формира влада со сите партии освен со ДУИ; Мицкоски ќе разговара со премиери на членки на ЕУ, на следниот Совет да изгласаат потврда или гаранција дека македонскиот идентитет, јазик и култура нема да бидат оспорувани; да се побара од ЕК пакет за поддршка на македонските граѓани и бизнис во процесот на преговори, за да се подобри нивната конкурентност во пресрет на интеграцијата; да се повика Бугарија, доколку е за европски вредности, oд вкупно 13 пресуди на ЕСЧП од кои 6 се правосилни, да избере кои три ќе ги имплементира.

„За да се реализира планот за заштита на македонскиот идентитет и интеграција во ЕУ преку овие точки потребни се избори, бидејќи е јасно е дека СДС и ДУИ немаат мнозинство за уставни измени“, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Битиќи: Тоа ли е патриотизам?

Кон опозициските барања уште вчера се осврна вицепремиерот за економски прашања и потпретседател на СДСМ, Фатмир Битиќи. „Мицкоски може да се коцка со сопствената, но не и со македонската иднина. Ние тоа нема да му го дозволиме. Тој, очигледно ја препознал подадената социјалдемократска рака и фатен во небрано пред одлуките кои мора да се донесат за нашиот европски пат, по којзнае кој пат повторно условува. Претходно, други однадвор ни поставуваа услови. Сега Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ им поставува услови на Владата и на македонските граѓани за да го поддржи европскиот пат на земјата. Тоа ли е патриотизам? Не, тоа е обид да се добере до власт, а после тоа да измислува нови услови и нови блокади. Нема да му дозволиме да ни ја прокоцка европската шанса која му се нуди на нашиот народ“, објави Битиќи на Фејсбук.

Во однос на барањето за економски пакет за земјата, Битиќи праша дали Мицкоски не знае или лошо глуми, бидејќи има нов Економски план за Западен Балкан и за Северна Македонија, кој го објавила претседателката на ЕК на ГЛОБСЕК во Братислава.

Back to top button
Close