Љутков им се извини на вработените кои не добија плата пред Велигден

Министерот за култура, Зоран Љутков им се извини на вработените во културата кои не добија плата пред празникот Велигден. За неисплатените плати министерот ги прогласи за виновни сите пред него кои на време обезбедувале плати за културните работници.

„Како ваш колега и министер за култура и туризам, сакам искрено и длабоко да Ви се извинам поради тоа што се случи – платите да доцнат и да не бидат исплатени пред Велигденските празници.

Свесен сум дека тоа е голем проблем кој предизвика непријатност за Вас и Вашите семејства, уште повеќе што ова треба да се денови на радост и семејна прослава. Искрено жалам што дојде до ова доцнење и покрај сите мои напори да се стигне на време.

Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата.

Ве уверувам дека оваа постапка која се одвиваше деновиве има за цел да создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на нашата работа во иднина. Ви се заблагодарувам на трпението, разбирањето и професионалноста што ја покажувате. Од мое име Ви се извинувам и Ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат“, објави министерот.

Претходно Вработените во културата во Република Северна Македонија реагираа со соопштение откако министерот ги остави без плата на Велигден.

„Секој март од 2021 па наваму, кога се корегира минималната плата и кога платите во културата треба да се усогласат со минималната плата според Колективниот договор за култура, и оваа година, вработените во културата се соочија со проблеми. Овој пат – и БЕЗ ПЛАТА.

За државата и институциите или е спорно усогласувањето со минималната плата, според КД за култура, или се спорни 10% според општиот колективен договор дадени пред 2 години на цел јавен сектор без исклучок. Иако и двете права законски им следуваат на вработените во културата беа пуштани спинови дека културните работници не ја заслужуваат платата што ја земаат, дека не работат ништо, се манипулираше со висините на платите во културата и сл. Цел март и почетокот на април наративот насочуван спрема вработените во културата беше дека платата која ја земаме е незаконска…“, стоеше меѓу другото во нивното соопштение.

Се огласија и од опозициската СДСМ од каде што испратија критика поради ваквиот потег. Ја обвинија власта дека грубо и без грам совест го крши законот за исплата на плати на сите вработени до 15 во тековниот месец за претходниот месец.

„Вистинското лице на Владата на ДПМНЕ е тотална незаинтересирност за граѓаните. Платата не е награда, таа е основно загарантирано законско право на секој работник. До таму дојдовме да во Македонија веќе не се зборува за економски развој, туку дали власта може да ја исполни законската обврска – исплата на заработената плата. За Владата може да има папаја, манго и луксузи- за работникот трошки на софрата. Ова е врв на неодговорност и неспособност“, рекоа меѓу другото од „Бихаќка“.

Back to top button
Close