Ванковска: Чесно и честито би било Мицкоски да си даде оставка
Универзитетската професорка Билјана Ванковска побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да понесе одговорност за изборениот пораз. Таа смета дека тој треба да се повлече од политиката.
Не знам дали досега го направил тоа, но Мицкоски треба веднаш да си даде оставка не само заради овој пораз: кога се работеше за државата тој ја спасуваше партијата, се покажа мек и неубедлив, без никакви лидерски способности. Најмногу од се’ покажа плашливост (може кај Апасиев да оди на часови): не се ни кандидираше за да ја види поддршката што ја ужива кај народот, а синоќа немаше сили ни да му се обрати на членството. Бидејќи устата му беше полна „чест и честитост“, сега би било чесно и честито да си даде оставка, да се врати на факултетот и на бизнисот“,вели Ванковска во својот пост на Фејсбук.
Според неа, добрата вест е Левица која на изборите добила двајца пратеници и тоа во ситуација која не само што била маргинализирана, туку и жестоко напаѓана, па дури и дискредитирана од одредени медиуми.
„Со НВО кампањи, со скромни финансиски средства – тие извлекоа максимум. Со Апасиев и Крмов, парламентарната бара малку ќе се разбранува, но од нив очекувам многу повеќе идната година на локалните избори. Тоа е можеби слаба утеха за Македонија како држава, ама добра вест за граѓаните (ако се освестат)“,оценува Ванковска.
Таа смета дека обидот за „пасокизација“ на СДСМ не успеал и дека таа партија нема да се „пасокизира“ се’ додека им е корисна на странците кои им дадоа силна поддршка и carte blanche за масовна корупција на гласачкото тело.
„Да бидеме реални: Македонија си игра демократија во колонијални услови, каде владејат марионетски власти, а конците ги влече некој друг (Берлин, Брисел и Вашингтон)“,вели Ванковска.
Таа констатира дека во национални рамки моќта лежи во ДУИ и во останатите партии на албанската заедница а исходот на изборите, за неа претставува крај за македонската држава.
„На Илинден можеме на Мечкин камен свечено да ја погребаме идејата за македонска држава и да ѝ дигнеме (ново?) знаме на северномакедонската. Папочната врвка со Илинден и АСНОМ ги пресековме, овој народ не ги заслужува ни Гоце, ни Јане, ни Питу.Оваа земја, простете, е туѓа. И јас за оваа земја веќе нeмaм што да кажам, ниту за што да се борам“, е заклучокот на универзитетската професорка Билјана Ванковска.