„Вашингтон пост“ мора да ја врати на работа колумнистката отпуштена по коментари за убиството на конзервативен активист

На весникот „Вашингтон пост“ му е наложено да врати на работа една од неговите колумнистки и да ѝ исплати заостанати плати, откако арбитер пресуди дека весникот незаконски ја отпуштил поради нејзини коментари по минатогодишното убиство на конзервативниот активист Чарли Кирк.
Арбитерката пресуди дека „Вашингтон пост“ немал „добра и доволна причина“ да ја отпушти Карен Атија и на тој начин го прекршил колективниот договор, објави денеска „Њујорк тајмс“.
„Вашингтон пост“ не успеа да докаже дека тужителката извршила тешка повреда на работните обврски, напиша арбитерката Сара Милер Еспиноса.
Атија, која беше отпуштена во септември минатата година, денеска ја поздрави одлуката на американската социјална мрежа Блускај.
– Откако „Вашингтон пост“ ме отпушти минатата година затоа што ја зборував вистината по убиството на Чарли Кирк, возвратив. И среќна сум што можам да објавам дека го добив спорот против „Вашингтон пост“. Наложено им е веднаш да ме врати на работа, напиша таа.
Атија беше отпуштена по коментарите на социјалните мрежи што ги објави на 10 септември, на денот кога Кирк беше убиен.
На Блускај таа го бранеше, како што го нарече, своето „одбивање да си ја корнеме косата и да се посипуваме со пепел во демонстративна жалост за белец кој застапуваше насилство“.
„Вашингтон пост“ соопшти дека нејзините изјави го нарушиле „интегритетот“ на весникот и ги прекршиле стандардите со кои од вработените се бара на социјалните мрежи да покажуваат учтивост и почит.
Атија го оспори отказот врз основа на колективниот договор на весникот, тврдејќи дека нејзините објави на социјалните мрежи биле дел од нејзината работа како авторка на колумни и дека „Вашингтон пост“ ја прекршил сопствената политика за користење на социјалните мрежи.






