„Веќе никој не ме нарекува татко поради нашите убијци, од тој ден јас сум само физички жив, како фигура“
„Како можете да објавите моја фотографија за „Татко на годината“ кога од 16 март до денеска јас веќе не сум татко и нема никогаш да бидам татко, затоа што ми го убија единствениот син“.
Вака се обрати денеска на петтиот протестен „Марш за ангелите“ во Кочани човекот чиј син единец загина во пожарот во „Пулс“.
„Веќе никој не ме нарекува татко, а не можам ни да бидам татко на 60-годишна возраст поради нашите убијци. Од тој ден јас сум само физички жив, како фигура, а внатре сум мртов. Обвинители и судии внимавајте како ќе судите, затоа што за виновните бараме по една година затвор за секое мртво дете и по половина година за секое повредено дете. Тоа се најмалку 115 години, како во Турско време. Судете праведно, а ако нема правда зошто само да шетаме мирно, и онака ние сме мртви, не терајте нѐ да има „селска буна“ – рече тој.
Родителите на денешниот протест уште еднаш побараа одговор од надлежните кој дозволил да настрадаат толкав број млади луѓе.
– Веќе не се плашиме од никого, освен од Бога. Затоа поставуваме прашање до министерот Тошковски и до премиерот Мицкоски кој им дозволи на демоните да ги убијат нашите ангели. Зборуваме јавно и гласно, не сакаме тајни средби, кога ќе добиеме одгoворот ќе бидеме смирени – рече мајка чиja ќерка почина во трагедијата.
Родителите нагласија дека ќе очекуваат правична судска постапка, за да има правда за нивните деца.
Во спротивно, подготвени се своите барања да ги достават и до Судот за човекови права во Стразбур и ќе бараат поддршка од еминентни домашни и странски правни експерти и адвокати.
Извор: (fokus.mk)