Вечна љубов си посакуваат крај Боловански камен

Вечна љубов си посакуваат крај Боловански камен. Не ставаат катанци со клуч со желба засекогаш да останат заедно, само се стискаат еден до друг, посакувајќи времето да застане и да се претвори во вечност, како каменот. Тој камен што им нуди починка, лете им посакува добредојде со волшебна сенка, кога дува им прави заветнина, а кога врне им помага да уживаат во дождот, а да не настинат.
Да не се разбереме погрешно. Боловански камен не е омиленото место само за вљубените. Атрактивното и култно место во близина на Кавадарци, го посетуваат љубители на природата, планинари, туристи, велосипедисти, авантуристи. Таму можеш слободно да отидеш ако сакаш да се осамиш, да не зборуваш ништо и да уживаш во осаменоста, да дишеш чист воздух, да ѝ се восхитуваш на природата што не штедела кога го дарувала со убавини овој дел на Тиквешијата.
Да се сончаш наутро или приквечер кога сончевите зраци те милуваат со сета своја нежност, да береш цвеќиња, чаеви или плодови од самоникнати растенија или дрвца, да трчаш по козји патеки, да се радуваш на трудољубивоста на некои инсекти и да уживаш во песните на птиците кои танцуваат над твојата глава. Да чекориш без обувки допирајќи ја земјата и да ја почувствуваш магијата на спокојството, благодарение на кое, за миг забораваш на сите проблеми што ги носи животот.
Името од божеството Балван, местото некогаш било паганско светилиште
Љубовта кон Боловански камен кај Кавадарци, не е некој модерен тренд, што утре, или за некое време, ќе го нема. Постојат пишани материјали, дека ова место, отсекогаш го привлекувало вниманието. Историчарката Марија Михова, кустос во Музеј галеријата во Кавадарци, потврди за МИА, дека за мистериозното и магично здание, уште многу одамна, било запишано во стари српски истражувања на овие простори.
-Од пространата површина на Витачево, над долината на реката Велика кај Моклиште, се издигнува мал врв во форма на остров, од еруптивни карпи, како некаков споменик и се вика Боловански камен. Името на овој природен споменик потекнува од божеството балван (бован, болван, болован). Трагите кон ова паганско светилиште потекнувале од пред многу години – било запишано во едно од тие истражувања.
За разлика од големиот интерес за Боловански камен, постојат многу малку официјални информации за ова место, што претставува вистински рај за одмор од секојдневните обврски. Истражувајќи го топонимот Боловански камен, наидовме на повеќе информации на интернет. Според некои наводи, станува збор за врв – зашилена височина на врвот на планина, гребен или друга хипсографска карактеристика.
Ако консултирате вештачка интелигенција, да видите што таа ќе каже за овој своевиден бисер во срцето на најлозаровинарскиот регион во државата, ќе добиете ваков или сличен одговор.
-Зборот „болован“ во старите балкански говори означува голема карпа, карпест блок или надгробно обележје. Боловански камен е врв и позната локација за планинарење лоцирана во непосредна близина на Кавадарци. Според типот на локација, станува збор за врв (атрактивна истакната карпеста структура и височина, формација), со надморска височина од околу 666 – 673 метри. Локацијата е исклучително популарна за еднодневни пешачки и велосипедски тури меѓу локалното население, претставува популарна дестинација за рекреативци и вљубеници во природата.
Со геостратешка положба, местото било како набљудувачница
Низ годините, каменото здание, што, чиниш гордо се извишува над околината, си останало да важи за култно место. Се менувала само по една самогласка од неговото име. Па така ќе чуете дека го нарекувале Балвански, Боловански и Беловански камен. Дека е тоа така и дека местото отсекогаш го привлекувало вниманието со својата посебност, потврди за МИА и доктор Перо Пењушков од кавадаречкото село Ваташа, човек кој го сака својот роден крај, истражува за него и на различни начини се обидува да го презентира и промовира пред пошироката јавност.
-Нашите стари, кога како деца ја напасувале стоката, тоа место што спаѓа во Ваташа, таа околина, ја нарекувале Гола глава. Местото е голо, нема шума, карпестото здание е како вивнато во облаци, во минатото се верувало, за да бидат луѓето поблиску до облаците и боговите. Затоа тие таму изведувале ритуали, обреди. Од колено на колено се раскажуваше дека некогаш многу одамна, тоа било обредно место. Се вршеле обреди, магиски ритуали, за да се избрка злото. Сме слушале преданија, исто така, дека во стари времиња, многу ценета била геостратегиската положба на локацијата. Како своевиден бришан простор, оттаму имало голема прегледност и се набљудувала целата поширока околина. Местото служело како набљудувачница – ни сподели Пењушков.
Секогаш кога рекреативно одиме кон Балвански камен, се качуваме високо на карпата и ја чувствуваме таа моќ, да се има околината како на дланка. Некои од нас ги прават најубавите фотографии седнати како на трон од камен, а други пак викаат силно колку што можат, верувајќи дека на тој начин ќе ја исфрлат целата негативна енергија што им се насобрала во градите и за нив доаѓањето на каменот е како своевидно прочистување, маѓепсувачко доживување.
Ниту калта, ниту ветерот не го расипаа задоволството, при нашата последна планинарска прошетка до местото, што зрачи со позитивна енергија. Од градскиот парк, преку боровата шума, своевидните бели дробови на градот Кавадарци. Чекоревме одмарајќи ги очите гледајќи во тиквешкото зелено море, морето од лозја. Зиме одиме почесто, за да се изнадишиме чист воздух, да ги направиме првите стапки во штотуку паднатиот снег. Летово ќе одиме почесто, бидејќи таму горе, секогаш е за неколку степени посвежо, отколку во градот.
И сосема за крај. Повозрасни и поискусни ќе ви речат дека не постои вечна љубов и дека вечната љубов е само младешка фантазија. Како и да е, љубовта доаѓа и си оди. А ако остане засекогаш, ќе биде вечна, како и нашиот камен. Тој камен што изгледа студен однадвор. Но, како да има душа, што во себе ги збрала сите тајни на оние што токму тука си ги отвориле своите срца и гласно ги кажале своите најинтимни желби. свд/вг/
МИА






