Везувот на Граѓанскиот Пркос експлодира во татнеж

пишува: АГРОН БИБА

12 Април 2021 година, ЦИВИЛ го обележa Граѓанскиот Пркос од пред точно пет години.

А како поинаку можеше да биде? Можеа ли активистите на Цивил да хибернираат на таков ден? Можеме ли и ние, сите останати граѓани и граѓанки на нашата Македонија да го игнорираме и да го заборавиме овој датум?! Може ли, смее ли нашето општество, ова општество кое перпетуално се препелка да не се удави во сопствениот вековен балкански општествен и граѓански гној, можат ли, смеат ли нашите цивилизациски западноевропски стремежи да приуштат таква ноншалантност и луксуз на игнорирање и заборав на 12 Април 2016 година?!

Можеме, ако го слушаме оној негативниот дел на Балканското кое е во сите нас, оној наш внатрешен злобен волк, кој ни вели да ја игнорираме тотално со потсмев и пизма појавата и идеите на Шарената Револуција. Тој злобниот волк во нас, кој не учи да ‘ржеме со разочараност, лутина и бес, кон тоа што се роди на 12 Април пред 5 години.

Но ако го слушаме повеќе оној позитвниот дел на балканското во нас, оној доброчудниот и кроток волк во нас, кој ни зборува за нашиот хуман, кроток и кршлив  дел, за оној Балкан кој неуморно си ја бара сопствената соба во напредната Европска куќа, тоа мало пламенче, таа искра што остана од Шарената Револуција која ни остана во нашите кршливи демократски дланки, треба да ја чуваме внимателно и во константен одговорен граѓански надзор…таа искра не смее да згасне, тоа пламенче мора да гори. Тоа е Прометејски, 12 Априлски дар за нашата граѓанска и цивилизирана татковина.

Налудничавиот проект Скопје 2014 беше еталон за неодговорност и тотален башибозук, самоволие и се по агресивна и злобна власт, која оперираше со сите ишарети на фашизоидност. Граѓаните трепереа од страв. Се плашеа и тие што протестираат, се плашеа и тие што мораа да контрапротестираат.

‘Заробена Држава’ беше најкраткиот, најбрз и наједноставен опис на тоа што цивилизираниот свет, преку службената дијагноза предводена од Рајнхард Прибе ја окарактеризира нашата Македонија.

На 11 Април 2016 година, Заробено Државната Власт сеуште сееше страв и трепет. Граѓанскиот Везув дремеше. Заробената  Државна Власт живееше слободно изживувајќи се врз сопствените граѓани кои трепереа во општ колективен уплав.

Утредента, 56 нелогични аболиции од председателот на Заробената Држава, која самоиницијативно се поистовети со градот Помпеј од 79-тата година од пред новата ера. Граѓанскиот Пркос не издржа. Тоа беше последната сламка товар што и ја искрши грпката на претоварената камила на граѓанските тегоби, и караванот мораше да застане. Не поради лавежот на кучињата, застана затоа што Граѓанскиот Пркос скриен во грпката на камилата, не можеше да ја истрпи таа сламка која тежеше 56 микрограми и долга 56 микронски аболиции.

Везувот на Граѓанскиот Пркос експлодира во татнеж. Помпеј изедначен со Заробената Држава почна вистински да се пржи и да се пеплосува од Пржинскиот Договор. Граѓаните еруптираа по улиците на Скопје. Известувачите се обидоа да ги пребројат нивните воинствени и миротворни бои. Не можеа да одлучат која боја преовладува. Сите беа на улица, без разлика на пол, нација, вера, и секаква друга различна ориентација. Сите беа едно, едното беше сите….Виножито.

Граѓанскиот Пркос беше револуционерен како еруптивен Вулкан и шарен како виножито.

Граѓанскиот Пркос по домашните и светските медиуми се нарече Шарена Револуција.

Излегов и јас од мојата тивка соба во Црниче. Се одлепив од белата хартија, се одлепив од буквите, зборовите и речениците на моите колумни, и се најдов исфрлен како жешка лава низ демократските Скопски улици. Колку повеќе граѓани гледав околу мене толку повеќе се намалуваше мојот страв. Како и во моите колумни, имав желба да и моите мирољубиви и воинствени ‘Горданини Индијански бои’ да не изостануваат во шаренилото на нашето виножитно заедничко општество, да охрабрувам со моето присуство и да бидам охрабруван од масовното присуство од другите македонски граѓани и граѓанки.

Бев еден од многуте на тротоарот пред Канцелариите на аболиционерот, затскриен пред едно млада фиданка на посадено дрво, кое и така осамено во урбаниот асфалт ми нудеше евентуална заштита од турканици и метеж. Се запрепастив кога зад мене видов бремена жена. Оххххх, си помислив, што ако почнат турканици. Веднаш до неа го приметив незиниот партнер/сопруг. Господине, се извинувам, дали вашата госпоѓа е бремена?

Да, одговори. И јас и велам да седи дома, да не се изложува на ризик. Не можам и не смеам, ми одговори, морам да сум тука, токму поради иднината на моето неродено дете. Нејзиниот Граѓански Пркос беше посилен дури и од најсилниот човечки инстинкт,  мајчинскиот инстинкт. Учтиво и понудив на нејзиниот сопруг да се затскријат позади младата фиданка од урбаниот асфалт.

Мајчинскиот инстинкт е најсилен, најсветол.

Граѓанскиот Пркос е општествена бременост која мора да се негува за да раѓа здраво, праведно и демократско општество за кое сите сонуваме, во име на нас и на идните генерации.

Се приклучувам кон службеното барање на Центарот за Слобода ЦИВИЛ – Скопје, за 12 Април да се прогласи за Ден на Граѓанскиот Пркос, поминувајќи и почитувајќи ја целата траекторија на законските норми на нашата татковина Македонија.

Се надевам дека фамилијата на малото детенце на таа бремена жена, кое го наближува 5 годишниот роденден, веќе ги окусило плодовите од успехот на Шарената Револуција. Некои од плодовите се слатки и зрели, некои сеуште зелени и кисели, но дека успехот на шарената револуција сеуште го држи жив нивниот фамилјарен оптимизам и тие сеуште ја чекаат правдата, мирот и демократијата овде во Македонија и немаат емигрирано во другите западноевропски земји каде демократијата сама трага и ги бара своите граѓани на кои ќе им ја овозможи целата потребна помош и поле на работа и општествен развој и грижа. И тие  земји имаат перпетуални проблеми, но ги расчиствуваат со внимателнос и трпение како што мајките внимателно го требат оризот.

12 Април ДЕН НА ГРАЃАНСКИОТ ПРКОС е убаво и службено да се овери, за прометејскиот пламен да пирка и да не потсетува на Заробената Држава за никогаш да не ни се повтори.

Предлагам симболот на Денот на Граѓанскиот Пркос да биде цвеќето наречено цвеќе пркос, со латинското име, portulaca grandiflorа кое доаѓа во сите бои на виножитото.

Честит 12 Април, Денот на Граѓанскиот Пркос, со посебна благодарност до ЦИВИЛ  кој не потсетува на овој празник на цивилизираното, освестеното и самоинициативното граѓанство, како неминовен предуслов за наш заеднички општествен напредок кон западноевропските вредности.


Видеото во прилог е дел од учеството на Агрон Биба на настанот со кој ЦИВИЛ ја одбележа петгодишнината од Шарената револуција, денот на граѓанскиот прскос.

Извор: Цивил Медиа

Back to top button
Close