(ВИДЕО) Али Ахмети вели дека инвестициите на синот Шкумбин се од пари спечалени во швајцарска компанија

Фирмата на таткото на свршеницата на вашиот син Шкумбин, „А. С. Сењак“, на годишно ниво има обрт од по 5-6 милиони евра. Станува збор за господинот Селаудин Арифи. Ова беше првото во серијата прашања за лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во неговото вечерашно интерју за „360 степени“ во делот каде што се зборуваше за бизнисите и богатството на неговиот син Шкумбин.

Ахмети објасни, фирмата на сватот е стара, а неговиот син сè уште не е во официјализирана врска.

„Во однос на Селаудин, тоа е стара компанија, уште пред прогласувањето на независноста, од 90-тите години. Не знам зошто се поврзува ова со сватовско прашање. Син ми и ќерката на Селаудин создале врска, но сè уште не е официјализирана. Син ми е архитект, има своја канцеларија…“,
изјави Али Ахмети, претседател на ДУИ.

Запрашан дополнително дека неговиот син и самостојно влегува во бизниси и тоа од областа на енергетиката, Ахмети потврди и објасни како Шкумбин ги спечалил парите за инвестирање.

„Да, и работел за швајцарска компанија околу 5-6 години. Тие добивки што ги имал со швајцарската компанија, кои се легални, може да се истражуваат од секоја државна институција и добивката што ја имал ја инвестирал во енергетика“,изјави Али Ахмети.

Потоа, следуваше прашање за изјавите кои подолго време ги дава Фатмир Лимани, инаку внук на Ахмети и од неодамна потпретседател на опозициската Беса, дека семејството на Ахмети до 2001 биле главно сточари и земјоделци, кои биле и на работ на егзистенцијата, а сега нивниот имот (на семејството Ахмети) се мери во милиони евра.

„Не знам во колку се мери богатството на семејството. Јас за семејството можам да ви кажам дека лебот го обезбедилo со своја пот. Можеби и билo најбогатото семејство во околината. Кој имал млин пред 200 години, а семејството Ахмети пред 200 години имало млин со четири камења, за порано не знам. Значи, мојот прадедо бил богат човек, сме имале многу богатство, како и сме се занимавале со сточарство, како што имале сите во тоа време. Имале стока, богатство, земјоделство, живееле добро, така што не сме биле од класа која немалa леб. И сега не можам да им забранам, на пример, брат ми Фекри со распаѓањето на Југославија во тоа време со штедење од Швајцарија купил камиони од армијата, пренесувал камења, дрва, полека изградил каменолом. Но, јас ги повикувам сите државни органи да се истражи сè до последниот атом. Нека се формира, ако не се верува во судските органи, формирајте комисии, преку медиуми, цивилното општество, од меѓународната заедница, нека се обелодени вистинaта“,изјави Ахмети.

Back to top button
Close