(ВИДЕО) Димитријевиќ: Дали документите за Груевски се намерно блокирани во Министерството за правда?

„Еден месец не можат да ја комплетираат документацијата? Дали се неспособни или не сакаат? Наместо да одговорат на ова основно прашање, се кријат зад бирократски фрази“, изјави Димитријевиќ на прес-конференцијата од пред зградата на Правда

Дали документите за Никола Груевски во Министерството за правда се „институционално“ заглавени или намерно блокирани? Ова е прашањето што денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ, го упати до министерот за правда Игор Филков тврдејќи дека свесно се кочи постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски од Унгарија.

 

LllОд СДСМ реагираат на вчерашното соопштение на Министерството за правда, во кое се наведува дека постапката се води „институционално и без политички влијанија“.

Димитријевиќ јавно запраша дали документите воопшто се испратени или се држат под изговор на „комплетирање на документацијата“.

„Еден месец не можат да ја комплетираат документацијата? Дали се неспособни или не сакаат? Наместо да одговорат на ова основно прашање, се кријат зад бирократски фрази“ изјави Димитријевиќ на прес-конференцијата од пред зградата на Правда.

Тој го посочи примерот на Полска, која според него, експресно ја завршила процедурата за еден ден, откако идниот премиер на Унгарија, Петер Маѓар, ги спомена политичарите од нивната земја.

Димитријевиќ потсети на изјавата на Маѓар, кој јавно порача дека неговата земја веќе нема да биде „депо за криминалци“.

Според Димитријевиќ, додека во Европа се реагира веднаш, во Скопје има еден месец тишина.

Генералниот секретар на СДСМ смета дека Владата на Мицкоски свесно го штити Груевски.

Партијата бара итно објаснување зошто документите се заглавени во Министерството за правда и не се испратени.

„Наместо институционална постапка за екстрадиција, гледаме институционална заштита на криминалецот Груевски. Граѓаните заслужуваат јасен одговор“,додаде Димитријевиќ.

Back to top button
Close