(ВИДЕО) Фотоволтаици ќе може да поставува секој граѓанин без дозвола од општината, најави Бочварски

Имајќи предвид дека сме во енергетска светска криза, како Министерство правиме напори секој граѓани да може да постави фотонапонски централи на своите објекти. На денешната владина седница поминаа овие измени во однос на поедноставни процедури за поставување фотоволтаични електрани на покривата на домаќинствата и стопанските објекти, а сакам да апелирам до сите пратеници проактивно да се вклучат и да ги изгласаат овие законски измени веќе на следната собраниска седница, порача на денешната пресконференција министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Согласно најавените измени, фотонапонските централи ќе можат да бидат поставени кај домаќинствата до 6 киловати и кај правни лица до 40 киловати, додека на колективните згради може да се постават од страна на заедницата на станари, но електричната енергија да се користи само за заедничките простории.

За сето ова, како што истакна Бочварски, на граѓаните нема да им биде потребно одобрение или решение од општината.

Инвеститорите ќе имаат задача само да ја известат матичната општина и да достават извод од централен регистар доколку се работи за фирма, или копија од лична карта ако се рбаоти за физичко лице.

Ќе биде потребен и имотен лист за објектот или договор со сопственикот на објектот, како и основен проект за поставување на фотонапонска електроцентрала.

„Приклучокот се приклучува до ЕВН, а контрола врз градбата ќе вршат градежните инспектори“ нагласи Бочварски.

 

Back to top button
Close