(ВИДЕО) Германија: Се шират протестите против десничарската АфД

Десетици илјади луѓе ширум Германија протестираа во петокот (19 јануари, 2024) против десничарскиот екстремизам и расизам. Во последните денови имаше многу собири против десничарскиот екстремизам, често со значително повеќе учесници од очекуваното.

Во Минстер на улиците излегоа околу 20.000 луѓе. Полицијата на крајот го затвори главниот плоштад бидејќи беше претесен за да ги собере сите што сакаа да дојдат. Повеќе од 10.000 луѓе беа на улиците и во другите градови во Северна Рајна-Вестфалија, како што е Бохум.

Канцеларот Олаф Шолц ги поддржа демонстрациите против екстремната десница, а и тој самиот учествуваше на митингот во Потсдам. „Затоа што тоа што го доживуваме во моментов тука во нашата земја навистина се однесува на сите нас – на секој од нас. Ако нешто никогаш не смее да има место во Германија, тоа е етничката расна идеологија на националсоцијалистите“, рече Шолц.

Повод – десничарскиот план за протерување на странците

Повод за бројните демонстрации против екстремната десница е извештајот за тајната средба на десничарските екстремисти на крајот на ноември, кој го објави медиумската компанија Коректив.

На средбата во Потсдам, каде што познатиот австриски неонацист Мартин Зелнер зборуваше за план за масовно протерување на луѓето со миграциско потекло, учествуваа и политичари на Алтернатива за Германија (АфД), меѓу кои и Роланд Хартвиг, сега веќе поранешен референт на колидерката на десничарката партија АфД, Алис Вајдел, како и политичари на демохристијанската ЦДУ.

 

Протестите во Хамбург прекинати поради пренатрупаност

Убедливо најголемите протести се одржаа во Хамбург. Организаторите таму очекуваа 10.000 луѓе, но дојдоа значително повеќе, толпата беше толку голема што средбата мораше да се прекине порано. Учесниците пријавиле голема гужва, а во некои случаи било невозможно да се помине. Поради гужвата, запре и локалниот јавен превоз во некои делови.

Конечниот број на учесници сѐ уште не е познат, но според полицијата на улиците имало најмалку 50.000 луѓе. ДГБ Хамбург, еден од организаторите на митингот, пријави 80.000 луѓе, а други организатори зборуваа дури за 130.000 демонстранти.

Полицијата мораше да ги спречи луѓето кои се упатуваа кон бината каде што беше центарот на протестот во ХамбургПолицијата мораше да ги спречи луѓето кои се упатуваа кон бината каде што беше центарот на протестот во Хамбург

Демонстрации во сабота и во недела

Десетици илјади луѓе ширум Германија се очекува да учествуваат на демонстрациите против десницата и за демократија викендов. Во Франкфурт на Мајна се очекуваат до 30.000 учесници. Во Касел, Гисен, Лимбург и во други градови во Хесен, луѓето сакаат да излезат на улиците против десницата. Организаторите очекуваат значително повеќе од 10.000 учесници на митингот во Хановер во сабота.

Поголеми демонстрации се планирани и во Дортмунд, Ерфурт и во Хајделберг. Демонстрации се закажани во Карлсруе пред Сојузниот уставен суд. Во недела само во Минхен се очекуваат 10.000 до 20.000 учесници на демонстрации против десницата. Митинзи се регистрирани и во Дрезден и во Берлин, како и во Бремен и во Келн, пишува Тагесшау, порталот на германскиот јавен сервис АРД.

(dw)

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close