ВИДЕО: Историски момент – „Спејс Икс“ на Илон Маск успешно лансираше ракета во вселената

Kомпанијата „Спејс Икс“ (SpaceX) на Илон Маск попладнево по американско време успешно испрати двајца американски астронаути на пат кон Меѓународната вселенска станица од космодромот на Вселенскиот центар „Кенеди“ во Флорида.

После првиот обид кој не се оствари поради лоши временски услови, астронаутите Даг Харли и Боб Бенкен денеска успешно полетаа со вселенската капсула „Кру драгон“ (Crew Dragon) и ракетата „Фалкон 9“ (Falcon 9). Лансирањето беше изведено од истата платформа од која беше лансирана последната мисија на шатл програмата на НАСА во 2011 година.

СЛЕДЕТЕ ВО ЖИВО ТУКА

Раководителот на НАСА, Џим Брејденштајн изјави дека летот до МВС е првиот чекор на НАСА во враќањето на човекот на Месечината, и дека до 2024 година САД ќе пратат луѓе на јужниот пол на Месечината.

Планот е таму да се изгради постојана база. На летот до земјиниот природен сателит во 2024 година ќе учествува и првата жена, која треба да стапне на Месечината.

Според него, НАСА ја заврши разработката на супертешката ракета носач „Спејс ланч систем“ (СЛС), што ќе биде користена за испраќање експедиции на Месечината. Во Вселенскиот центар Стенис во Мисисипи во тек е изградбата на вселенскиот брод и првите испитувања на вселенското летало ќе почнат ова лето и наесен.

Со помош на СЛС ќе биде лансиран веселенскиот брод „Орион“ кој ќе полета и направи круг околу Месечината, првпат по програмата „Аполо“, што заврши на крајот на 70-те години од минатиот век.

Во реализацијаа на програмата учествуваат и партнерите на САД во освојување на вселената – ЕУ, Канада и Јапонија.

Отсега, овој вселенски брод и оној на „Боинг“ кој треба да биде пуштен во употреба годинава, ќе бидат замена за руските вселенски бродови „Сојуз“ кои досега беа единственото транспортно средство за превоз на американските космонаути и научници на МВС.

Back to top button
Close