Видео: „Колку вреди животот на сестра ми? праша сестрата на прегазената Теодора
Сестрата на младата тетовчанка Теодора Ристевска, прегазена од возачот Менсур Пајазити, Ева Ристевска денеска низ солзи изрази огорченост од денешната пресуда на судот, кој му досуди две години на Пајазити, обвинет за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од ставот 4, за кој е предвидена затвор од една до пет години.
„Колку вреди животот на сестра ми? Дали животот некој може да ѝ го врати? Дали нејзината младост некој може да ја врати?,праша сестрата на прегазената Теодора.
Пајазити, кој во септември 2022 година ја прегази 22-годишната Теодора Ристевска, денеска во судот призна вина за делото што му се ставаше на товар, а судијата тоа го ценеше како околност во насока на пониската казна.
Девојката беше прегазена во Тетово, од „БМВ“ кое го управувал тогаш 44-годишниот Пајазити. Тетовскиот суд во ноември 2023 година пресуди три и пол години затвор за возачот. Тој ја обжали казната, Вишото јавно обвинителство во Гостивар ја прифати, а Апелациониот суд во Гостивар ја намали казната на Пајазити на две години затвор.