(ВИДЕО) Контроверзниот српски политичар Ного со ново видео: Тврди дека таткото на Вања, а не полицијата – ги поврзал снимките за киднапирањето и дека е наместен

Во видео на Јутјуб подолго од еден час, српскиот политичар Срѓан Ного, изнесува тешки критики кон македонската полиција и кон македонското Јавно Обвинителство и ги обвинува дека го наместиле таткото на Вања Ѓорчевска, која беше грабната и убиена. Тој тврди дека таткото на Вања, Александар е првиот човек што на МВР им ги дал снимките на кои поврзал дека возилото цитроен на сега убиениот Панче Жежовски, е вмешано во грабнувањето и дека така почнала истрагата. Според Ного, полицијата не си ја завршила работата, туку оној што им ги дал доказите од кои почнале да трагаат е таткото на Вања, сега осомничен и во притвор, Александар Ѓорчевски.

-Очигледно Александар открил нешто што не би требало да открие. Наместо да добие орден што разрешил две тешки кривични дела, тој е уапсен, ставен во притвор и медиумски сатанизиран, вели Ного во своето излагање.

Во видеото Ного презентира досега јавно необјавени видео материјали на кои се гледа возилото цитроен, пред зградата на Вања. Но, презентира и видео снимка од последниот ден на убиството на Панче Жежовски на бензинска пумпа во Велес. Според Ного, Жежовски на последниот ден од неговиот живот, двапати се појавил да полни гориво на бензинска пумпа во Велес. Првиот пат, во 10 часот и 50 минути наутро, кога до него на снимката се наоѓа неидентификувано лице, за кое политичарот тврди дека е поврзано со кривично правниот настан. Вториот пат се вратил во 14 часот и 28 минути, сам.  Според Ного, Панче Жежовски на таа бензинска пумпа во Велес, бил многу нервозен, пцуел и дури и го скршил клучот од резервоарот за гориво и кажал дека ќе полни гориво на друга бензинска пумпа.

Панче Жежовски, според Ного дента кога бил убиен, не отишол во фризерскиот салон иако имал закажани клиентки, зашто тргнал да ископува злато.

-Мотивот за убиството на Жежовски не се 500 евра и ако истражните органи не го објават мотивот, јас ќе го објавам наскоро, најави Ного.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, завчера, по првата објавата на Ного, за „360 степени“ рекоа дека сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените се обезбедени и оттука не постои никаква опасност за компромитација на истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски со објава на снимки од видеонадзор на објекти.

Инаку, Срѓан Ного, како што пишува во биографијата објавена на неговата веб-страница, е еден од основачите и водачите, прво на движењето, а потоа и на партијата Двери во Србија. За пратеник во српскиот парламент е избран на изборите во 2016 година и таму останува до 2020 година. Во 2019 година бил исклучен од партијата, а до крајот на мандатот дејствувал како независен пратеник. Важи за промотор на теории на заговор и експонент на руските интереси во регионот.

 

Back to top button
Close