Видео: Неверојатни снимки од Исланд, каде сите се подготвуваат за вулканска ерупција
Исланд има најголем број активни вулкански системи во Европа, а сведоци сме дека во градот Гриндавик во моментов сите се подготвуваат за можна ерупција.
Тоа го поткрепуваат и снимките од дрон кои го овековечија пукањето на земјата и ширењето на процепи од кои што извира чад, објави Фокс.
На видеото јасно се гледа дека тлото под градот се „подготвува“ за вулканска ерупција поради премногу земјотреси во еден ден.
Според Метеоролошкиот институт во Исланд, најновата сеизмолошка активност е забележана на максимална длабочина од четири километри.
Покрај тоа, Институтот извести дека има и формација слична на гребен каде што е можна пенетрација на магмата. Тој гребен е дел од Земјината кора што се помести надолу додека остатокот е во првобитната состојба и оди нагоре.
Жителите на градот се евакуирани по најавата дека се заканува вулканска ерупција, а вчера им било дозволено накусо да се вратат дома и да ги земат потребните работи.
Жителите се вратиле во своите домови за да ги земат неопходните работи, домашните миленици или возилата што ги оставиле за време на итната евакуација.
За тоа време, земјотресите продолжија да го тресат тлото и до ноќеска на полноќ биле пријавени дури 900 потреси, но се вели дека интензитетот и зачестеноста се намалуваат.
Инаку, полуостровот Рејкјанес се наоѓа југозападно од главниот град Рејкјавик и е познато вулканско и сеизмичко жариште.
Во март 2021 година, лавата спектакуларно изби од пукнатина во земјата широка помеѓу 500 и 750 метри во областа на вулканските системи Фаградалсфјал.